fbpx

26 мерки вредни 400 милиони евра за заштита на стандардот на граѓаните и стопанството

Facebook
Twitter
LinkedIn

Мерка 1: Намалување на повластена стапка на ДДВ за основните производи за исхрана од 5% на 0%.
април 2022 – јуни 2022

Го ослободуваме данокот врз основната храна за живот за да го ублажиме растот на цените. Со оваа мерка овозможуваме надолен притисок (намалување) на малопродажните цени на основните производи со што се делува на потрошувачката кошничка а со тоа и на животниот стандард на граѓаните. Со мерката се опфатени леб, шеќер, млеко, брашно, масло, свежо месо, ориз и јајца како основни производи за исхрана.

Мерка 2: Замрзнување на маржите на основни производи за исхрана
април – јуни 2022 година

Во период на енергетска криза и повисока стапка на инфлација, кога цените на прехранбените производи се подложни на чести зголемувања, оваа мерка ќе спречи создавање на наднормален профит.
Со замрзнувањето на маржите државата осигурува ублажување на ценовниот шок врз основните прехранбени производи кои доминантно ја сочинуваат потрошувачката кошничка кај најранливите граѓани. Целта е сите граѓани подеднакво да имаат пристап до основните производи за исхрана.
Оваа мерка е солидарна и оневозможува профитирање на грбот на граѓаните.

Мерка 3: Субвенции/Ваучери за најранливите категории на граѓани за основни производи за исхрана
април – јуни 2022 година

Субвенциите, односно ваучерите од по 1000 денари месечно, во период од три месеци, кои ќе се користат за основни производи храна ќе ги добијат 35 000 граѓани од најранливите категории.

Мерка 4: Автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји
март 2022 – јуни 2022 година

Владата со оваа мерка привремено ги укинува царинските давачки за основната храна пченица, брашно тип 400 и сончогледово масло за јадење. Со оваа мерка, се ублажува растот на цената при увоз на основните продукти кои граѓаните ги користат за исхрана но и прехранбената индустрија ги користи како суровини за производство.

Мерка 5: Продолжување на примената на повластена даночната стапка од 5% за прометот со електричната енергија кон домаќинствата
јули – декември 2022 година

Сите домаќинства до крајот на годината ќе плаќаат сметки за електрична енергија со повластена тарифа од 5% данок. На овој начин се ублажува ценовниот удар од брзорастечките цени на електричната енергија на глобалните пазари. Обезбедуваме што помал раст на сметките за електрична енергија.

Мерка 6: Препорака за менување на методологијата за утврдување на цена за домаќинства и мали потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија
јули 2022 година и ќе важи во континуитет

Новата методологија ќе обезбеди пониска цена за електричната енергија за домаќинствата кои се најпогодени како и за малите потрошувачи кои би плаќале помали сметки согласно помалата потрошувачка која ја имаат.

Мерка 7: Продолжување на програмата за енергетска сиромаштија
јули 2022 година и ќе важи во континуитет

6500 домаќинства со ниски приходи ќе продолжат да добиваат поддршка од Владата преку намалување на нивните сметки за електрична енергија. Програмата предвидува намалување на сметките во зависност од приходите и бројот на луѓе во семејството. Државата продолжува и понатаму да се бори против сиромаштијата особено во услови на криза кога ризикот од сиромаштија е најголем.

Мерка 8: Субвенции за пензионерите
март – мај 2022 година

Највозрасните се воедно и едни од најранливите категории граѓани. Со оваа мерка која е дел од да пакетот за директна финансиска поддршка на пензионерите, околу 330 000 пензионери ќе добиваат по 1000 денари во период од три месеци.

Мерка 9: Продолжување на субвенционирањето на цената на електрична енергија за регулираниот пазар (домаќинствата и малите потрошувачи)
јануари – јуни 2022 година

Владата ќе го продолжи субвенционирањето на цената на електрична енергија за регулираниот пазар за домаќинствата и малите потрошувачи. Во услови на значително зголемена берзанските цени, со оваа мерка се штитат потрошувачите во периодот на значителен ценовен пораст на електричната енергија.

Мерка 10: Субвенционирање на цената на топлинска енергија
февруари – 15 април 2022

Продолжуваме со субвенциите за да обезбедиме парно за граѓаните. Со оваа мерка овозможуваме континуирано и квалитетно снабдување со топлинска енергија за потрошувачите на делови од територијата на градот Скопје. Владата нема да дозволи сред зима и сред криза граѓаните да останат без парно. Преку откуп на дополнителни количини на електрична енергија преку ЕСМ, произведени дома, Владата снабдува топлинска енергија за жителите на Град Скопје до крајот на грејната сезона.

Мерка 11: Финансирање на проектите за енергетска ефикасност за општините преку користење на поволен кредит од Светска банка спроведен од Министерството за финансии
март – декември 2022 година

Во услови на енергетска криза, намалената потрошувачка на енергија ќе е приоритет за сите јавни институции. Преку обезбедени средства од Светска банка, финансиски ќе се поддржат проекти преку кои ќе се намали потрошувачката на енергија на општините, ќе се подобри нивото и квалитетот на јавните објекти и јавното осветлување и ќе се обезбеди одржливост.

Мерка 12: Програма за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година
мај – декември 2022 година

Субвенциите за купување и инсталирање на фотонапонски панели со кои домаќинствата ќе произведуваат струја за сопствени потреби, ќе овозможат околу 500 семејства да бидат енергетски независни Гледано долгорочно, на овој начин, преку енергетска независност ќе се оневозможат посериозни поместувања и енергетски шокови во иднина.

Мерка 13: Препорака за менување на методологијата за усогласување на цените на дериватите врз основа на промената на берзанските цени од неделна на дневна основа.
март – јуни 2022 година

Препораката до Регулаторната комисија за енергетика да внесе промени во правилникот со кој цената на нафтените деривати ќе се пресметува и менува на дневна основа ќе овозможи да се избегне нагло зголемување на цените на горивата од една до следна одлука на РКЕ.

Мерка 14: Пролонгирање на воведувањето на зелените давачки за деривати, односно еколошката такса за енергенти
март – декември 2022 година

Светската криза со нафтени деривати, ги менува приоритетите на сите држави во светот. За Владата тоа значи заштита на егзистенцијата на граѓаните, и фокус кон што е можно поголемо намалување на брзиот раст на цените на горивата. За таа цел, се пролонгира воведувањето на еколошката такса за енергенти, се до понатамошно стабилизирање на цените на горивата.

Мерка 15: Намалување на стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенсите: безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан
март 2022 – мај 2022

Намалувањето на данокот на горивата (дизел, безоловен бензин, гасно масло, ТНГ и метан) ќе ја намали крајната цена по која се продаваат. На овој начин се штити куповната моќ на граѓаните и земјоделците. Со намаленото ДДВ практично односно со намалувањето на цената на енергенсите за граѓаните го штитиме животниот стандард од една страна, а од друга страна ја зголемуваме ликвидноста и солвентноста на компаниите
Оваа мерка ќе влијае и кај компаниите – намалувањето на ДДВ од 18% на 10% покрај тоа што ќе обезбеди поголема ликвидност, ќе ги намали трошоците за гориво особено кај компаниите кои имаат транспорт.

Мерка 16: Намалување на акциза врз основа на берзанските цени
март – мај 2022

Зголемените цени на светските берзи придонесуваат и за зголемување на малопродажните цени. Владата ја намалува акцизата, за да се намали малопродажната цена горивата и да го заштити стандардот на граѓаните.
Цените ќе се намалуваат скалесто. Намалување на акцизата ќе е за 1, односно 2, односно 4 денари по литар на безоловниот бензин, дизел и екстра лесно масло за греење, во зависност од берзанските цени на енергенсите. Мерката ќе има директно влијание врз малопродажната цена на овие енергенти, и тоа за околу 1,2 денари, односно 2,3 денари, односно 4,7 денари, вклучувајќи го и намалениот износ на ДДВ.

Мерка 17: Ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување

Со мерката за ослободување од ДДВ се опфаќаат увозниците на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, како би се овозможила поголема ликвидност. Со ова, компаниите полесно ќе ги увезуваат енергенсите и ќе се спречи порастот на цените да ги блокира финансиски компаниите кои увезуваат енергенси, а со тоа да го оневозможи и самиот увоз.

Мерка 18: Препорака за општините да го реорганизираат јавниот превоз да биде достапен во корист на сите граѓани.
март – јуни 2022

Општините треба да делуваат во насока на обезбедување што подастапни и почести линии на јавниот превоз, за да може граѓаните повеќе да го користат јавниот превоз. Овозможувањето на поефикасен јавен транспорт за граѓаните ќе овозможи заштеда и рационална употребува на личните возила Граѓаните мора да имаат економични алтернативи за своето секојдневно движење и функционирање.

Мерка 19: Субвенционирање на договорна каматна стапка по кредити дадени од комерцијалните банки на деловни субјекти кои ќе ја реинвестираат добивката за 2021 година.
март 2022 – јуни 2022

Со оваа мерка преку РБСМ ќе се поддржи ликвидноста на деловните субјекти. Државата ја субвенционира каматната стапка до 4% за кредити за обртни средства дадени од страна на комерцијалните банки, за компании кои имаат остварно добивка во 2021 и кои ќе одлучат истата делумно или целосно да ја реинвестираат.

Мерка 20: Финансиска поддршка преку директно кредитирање од РБСМ на компаниите
март 2022 – јуни 2022

Со оваа мерка се подобрува ликвидноста на компаниите преку директно бескаматно кредитирање од РБСМ, односно преку исплата на бескаматни кредити за обртни средства по поволни услови на компаниите, а заради зголемени трошоци за електрична енергија.

Мерка 21: Финансиска поддршка преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства
април 2022 – декември 2022

Со оваа мерка се подобрува ликвидноста на компаниите преку користење на бескаматни кредити. Мерката овозможува кредитирање за компаниите за обртни средства преку комерцијалните банки, по принципот 1 + 1 евро, односно 1 евро од државата преку РБСМ и 1 евро од комерцијалните банки.
Притоа Владата ќе ја субвенционира каматната стапка од 3,2% – 4% годишно, а крајните корисници би користеле кредити за обртни средства без камата.

Мерка 22: Користење на Гарантниот фонд преку РБСМ
март 2022 – декември 2022

Со оваа мерка ќе се издаваат портфолио гаранции за микро, мали и средни трговски друштва и индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз преку гарантирање. Кај портфолио гаранциите, гарантирање е до 50% од кредитот доколку се работи за кредит за основни средства, односно до 80% доколку се работи за кредити за обртни средства. Кај индивидуалните гаранции, гарантирање е до 50% од износот на кредитот.

Мерка 23: Кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија
април 2022 – декември 2022

Со оваа мерка се овозможуваат кредити за компаниите за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со структура на финансирање 70-30 (максимум 70% кредит од оваа кредитна линија и минимум 30% од останати извори или сопствено учество). Кредитите ќе се реализираат преку комерцијалните банки, по принципот 1 + 1 евро, односно 1 евро од државата преку РБСМ и 1 евро од комерцијалните банки. Притоа се издаваат бескаматни кредити до деловните банки, додека до крајните корисници ќе се издаваат кредити со каматна стапка од не повеќе од 1.6%.

Мерка 24: Нова линија за поддршка на стопанството преку EIB за зелена транзиција

Нова кредитна линија во вредност од 100 милиони евра за стимулирање на инвестиции на компаниите во обновливи извори на енергија преку комерцијалните банки, по принципот 1 + 2 евро, односно 1 евро од државата преку РБСМ и 2 евра од комерцијалните банки.

Мерка 25: Зелено финансирање (ЕБОР, Програма на Обединетите нации за развој , Комерцијални банки)

Со овој финансиски инструмент ќе обезбеди пристап до зелено финансирање со што ќе се забрза инвестирањето во обновливи извори на енергија и финансирање решенија за енергетска ефикасност за малите и средните претпријатија, претприемачите и домаќинствата.

Мерка 26: Препорака за штедење и рационално користење на електрична енергија и енергенти

На сите ни претстои тежок период во справувањето со кризата, и сите, и државните институции и приватните компании и домаќинствата треба да се свесни за сериозноста на ситуацијата. Штедењето и рационалното трошење и на електричната енергија но и општо на ресурсите со кои располагаме треба да е приоритет. Затоа, Владата побара од сите јавни институции да достават план со мерки за рационализација на трошоците и штедење на енергенсите и ресурсите со кои располагаат. Само заедно, ќе ја надминеме кризата и ќе излеземе посилни од неа.

Последни вести