Соопштение за јавност
Потпретседателот на СДСМ, Перо Костадинов на денешната трибина „Силно и одлучно кон иднината“ порача дека СДСМ и во време на најголема светска економска криза, не отстапува од социјалдемократските вредности кои значат навремена и целосна грижа за граѓаните.
– 200.000 граѓани помагаме со последниот пакет мерки, тоа се наши сограѓани кои добиваат пензии до 14.000 денари, тоа се примателите на социјална помош, лицата со попреченост и самохраните родители. Компаниите кои произведуваат основни производи ќе добиваат електрична енергија по фиксна цена која е двојно поевтина од досегашната и тоа ќе резултира со намалени цени на основините производи од околу 10 отсто, порача Костадинов.
Костадинов порача дека за СДСМ земјоделството е врвен приоритет и затоа се реализират бројни мерки за поддршка на домашното земјоделство.
– Оваа година имаме рекордна цена за откупот на грозјето, како и рекорден извоз на вино, а покрај тоа обезбедивме и дополнителна помош за лозарите и винарниците, со што повеќе пари завршуваат кај овие наши сограѓани, посочи Костадинов додавајќ дека со новиот модел на субвенционирање, субвенциите за прв пат ќе се исплаќаат авансно што ќе значи дека земјоделците, парите од државата ќе ги добиваат тогаш кога им се најпотребни.
Пред присутните, Костадинов порача дека СДСМ денес е консолидирана партија, партија вратена на победничките патеки со зголемена доверба меѓу граѓаните, а показател за тоа меѓу другото се и масовно посетените граѓански трибини што СДСМ ги организира ширум државата.