Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва во преполната сала во Гевгелија се осврна и на деструктивноста на опозицијата која според него се повеќе е сериозна пречка на европскиот пат на државата.
„Левица и Димитар Апасиев имаат јасна агенда да го попречат патот кон ЕУ. Како што изминуваат деновите Левица ќе го земе Мицкоски како нивен заложник, затоа што Мицкоски е слаб, нема визија, нема став, тој е обичен послушник на Никола Груевски.
Нивната политика нема да ја направи земјата посилна туку послаба ако запреме на патот кон ЕУ. Ќе секне помошта од ЕУ, ќе немаме пристап до европските фондови, ќе завладее неизвесност, младите ќе побегнат во други европски земји.
Македонскиот идентитет повторно ќе го доведуваат под прашање. Се што досега постигнавме ќе го загубиме.“ истакна претседателот Ковачевски.
Меѓудругото Ковачевски потенцираше дека доколку се случи да добијат можност за власт опасноста по државата е огромна заради непромислениот популизам и деструктивноста која владее во опозицијата.
„Не дај Боже ова дуо да дојде до таква моќ, може да се разбудите наутро со лажно чувство на гордост. Но и гладни, сами, затоа што вашите деца си заминале, без иднина, затоа што вашата земја ќе биде изолирана.
Не се лажете – пироманите од Левица се посилни затоа што Мицковски станува се послаб. Европската унија е нашата најдобра опција за сигурна македонска иднина, не смееме да дозволиме да ја загрози било кој.“ додаде Ковачевски.