Соопштение за јавност
Караванот на СДСМ „Рамо до рамо до победа“ денеска беше меѓу граѓаните на Скопскиот регион.
Во општина Бутел беа членката на ИО на СДСМ Тања Томиќ и Филип Даскаловски, во општина Аеродром Борис Тунџев, додека Кирил Парталов и Размена Чекиќ беа со граѓаните на општина Гази Баба.
– Измина една и пол година, гледаме дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ не работат ништо. Најслабата локална власт досега, нема ниту еден реализиран проект. Но затоа, секаде каде ВМРО-ДПМНЕ раководи со општините гледаме задолжувања, поскапи комунални услуги, неработење и масовна партизација на општинската администрација и претпријатијата. Тоа го гледаме тука во Бутел, тоа го гледаме во Град Скопје, но и во останатите скопски општини предводени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, посочи Томиќ.
Во општина Аеродром се разговараше за досега спроведените политики на СДСМ, но и за неработата на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
– Случајот парцели во Лисиче е пример кој покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ нема промени. Тимчо Муцунски е ист како и Данела Арсовска. Пред изборите ветуваше едно, бришење маркици, паркови, зеленило, а денес прави сосема спротивно, парцели за згради, бетонизација. Откако се обиде да ја задолжи општината со обврзница, сега планира спорен ДУП со кој ќе ја бетонизира населба Лисиче и упорно ги игнорира забелешките на граѓаните од тој дел од општината. Пред две недели вети нов парк гледаме дека освен ливада и прашина нема ништо од нов парк. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ ќе добие власт од народот ова се случува, порача Борис Тунџев пред граѓаните на Аеродром.