Соопштение за јавност
Членот на ЦО на СДСМ Дарио Николовски во емисијата „10 минути“ на ТВ21 порача дека граѓаните може да бидат сигурни дека нема да има енормони ценовни шокови на електричната енергија, снабдувањето со греење ќе се одвива непречено и идната грејна сезона, а наскоро можат да очекуваат и повторно да добијат дневна евтина тарифа за струјата.
Кризниот енергетски штаб на владата како и досега будно ја следи состојбата и реагира да се донесат правилни мерки, кои и понатаму ќе им даваат сигурност на граѓаните дека државата е тука за нив, истакна Николовски, додавајќи дека опозицијата ширеше црни сценарија за рестрикции, енормно покачување на струјата и низа други работи со кои ги заплашувше граѓаните, но ништо од тоа не се случи.
Николовски нагласи дека сега кога грејната сезона заврши, може да се констатира дека периодот што измина е успешен и дека снабдувањето со греење ќе биде непречено и идната грејна сезона, без оглед на степенот на оштетувањата и реконструкцијата на мостот Беласица, бидејќи има уште еден алтернативен вод кој што се наоѓа на железничкиот мост.
Периодот што измина е успешен, со успешно спроведени мерки и политики, кои продонесоа за зголемување на домашното производство на електрична енергија, а со тоа и за намалување на увозот. Од почетокот на 2022 до крајот на март 2023 година произведени се некаде над 2,7 милиони мегават часови домашна електрична енергија, уделот на увозот се намали од околу 30 отсто на некаде 11-12 проценти, се фокусиравме на увоз на материјали потребни за производство, а не на електрична енергија, што резултираше со многу помал увоз на струја и зголемено количество на домашна произведена електрична енергија, рече Николовски.
Членот на ЦО на СДСМ Дарио Николовски нагласи дека одлука за дневна евтина тарифа на струјата носи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која веќе ги прави анализите.
Со оглед на се она што се случи, елдорадото на инвестиции во обновливи извори на енергија, сите бројки на веќе инсталиран капацитет на електрична енергија од обновливи извори од фотоволтаици за 2022 и првиот квартал од 2023 година, вклучиувањето на сите домашни капацитети даваат за право да очекуваме РКЕ многу брзо да ги заврши анализите и веќе во следните месеци може да се очекува дневна евтина тарифа на струјата, нагласи Николовски.
Наша цел е да бидеме енергетско независна држава со оглед на тоа што како држава имаме одлична местоположба, имаме изобилие на сонце, ветер и вода, како и мерките и политиките што се спорведуваат се во таа насока. Тоа е процес што се случува во годините што изминаа и во годините што доаѓаат ќе дојдеме до таа цел, порача членот на ЦО на СДСМ Дарио Николовски во емисијата „10 минути“ на ТВ21.