Соопштение за јавност
Очекувам ДПМНЕ своите позиции и стави во реални рамки, за тоа што со поставување на невозможни услови не можеме да дојдеме до решение, изјави денеска во интервју за Телевизија 24, секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ.
„Никој не може да се постави во позиција да биде против својата држава и против евроинтеграциите, ќе апелираме и ќе разговараме со секој пратеник. Секоја политичка партија треба да преземе свој дел од одговорноста затоа што ова не е работа, не е задача само за мене како министер, како вицепремиер, за премиерот за Владата било кој поединечно, ова е задача која што нас треба да не одведе во наредна фаза на преговори. Го знаете искуството со Грција кое ни покажува дека секое чекање и одлагање ни носи повеќе проблеми и полоша, а не подобра позиција. Јас сум сигурен дека уставните измени доколку не се случат сега, наредната можност ќе биде кој знае кога и наредната можност ќе биде по многу повисока цена дека темите на кои што ќе се разговара за уставни измени ќе бидат многу пошироки од овие што се сега само по мене се навистина технички, односно продолжување на низата на заедници во преамбулата“ посочи Маричиќ.
Тој додаде дека се очекува продолжување на дијалогот со ДПМНЕ и дека првата лидерска средба довела до приближување на ставовите.
„Лидерската среда што ја имавме пред помалку од еден месец беше добар почеток на дијалогот и разговорите, штета е што не продолжи, јас искрено се надевам дека после посетата на Мицкоски на Брисел ќе се создадат услови да продолжат разговорите на кое ниво и да смета ДПМНЕ дека треба, за тоа што ние оставивме простор и слобода навистина за разговори на начин на кој на нив им е прифатливо и комотно. По оваа посета на Брисел на ДПМНЕ јасно ќе им биде ставено на знаење што е реално што не е реално од нивните барање ако тоа го прифатат и го сфатат мислам дека лесно ќе дојдеме до еден компромис кој што ќе не извлече сите од ова ситуација а ќе ја турне државата напред. Во спротивно, мислам дека ќе влеземе во една подолготрајна ситуација на криза која што нема да одговара никому а која што нема да ни ги тргне обврските од маса. Затоа, ние ќе се бориме ова година да ги завршиме сите обврски, верувам дека ДПМНЕ ќе сфати дека не е можно да ги гласаме сега уставните измени и тие да стапат на сила по седум, осум или не знам колку години. Ние тоа сме го барале во почетокот на разговорите и со Бугарија и со државите членки на ЕУ, меѓутоа францускиот предлог тоа не го содржи“ посочи Маричиќ.