Соопштение за јавност
-Да пренесам поздрави од потпретседателот на САД, Пенс, пренесени и од претседателот Трамп и поддршка за лидерството што го покажавме, за референдумот, за граѓаните и за Македонија, сега и после референдумот.
Еве стигна порака и од Макрон, со чувства за Македонија. Ги остваруваме вековните аспирации на нашите татковци и дедовци.
Направивме разграничување со географска одредница, но добивме се за што крв се леело од илинденците и асномците: држава признаена од цел свет, со македонски народ и македонски јазик признаени од целиот свет.
Европскиот парламент му дозволи на македонски премиер да се обрати на македонски јазик.
Тоа е недвосмислена потврда на македонскиот јазик и идентитет. Никогаш веќе ФИРОМ, веќе сме македонски граѓани со македонски јазик. И добивме влез во ЕУ и НАТО, рече премиер Зоран Заев на граѓанската трибина во Радовиш.
Тој дополни дека со НАТО добиваме стабилност, сигурност и безбедност, мајките и татковците никогаш повеќе да не се плашат за своите деца.
Претседателот на СДСМ и премиер Заев укажа дека уставна промена ќе биде еден амандман од она што го пишува во договорот со Грција, со внесување на географската одредница, со повикување на документите од АСНОМ за македонската државност и со водење грижа за дијаспората како секаде во Европа.
-Доаѓа убава иднина за Македонија.Со ЕУ има и повисоки плати, и прогрес, и ние имаме право ова да го живееме.
Ја донесов одлуката од храброста што ја црпам од вас. Знам каков народ имам, кој секогаш носел државотворни одлуки и сега ќе донесе.
Верувам до небото во мојот народ. Ако се радувавме на независноста, сега да ја ставиме Македонија на шините и да ја турнеме да киниса.На 30.септември да гласате, да си ги гушнете децата и да знаете дека сте обезбедиле добра иднина на Македонија, рече премиерот Зоран Заев на граѓанската трибина во Радовиш.