Соопштение за јавност
27 години во Македонија има консензус за ЕУ и НАТО и сега треба да ја зграпчиме шансата. Одлуката на 30 септември ќе ја донесат оние кои ќе гласаат. Ние како влада ќе го почитуваме ставот и гласот на тие што ќе бидат мнозинство на референдумот ЗА или против. Нема да дозволиме на тие што сакаат да седнат на маса и да зборуваат за амнестија да ја уценуваат Македонија. Одлуката нема да ја донесат тие туку Македонија – изјави министерката за одбрана Шекеринска на трибина во Свети Николе.
Со овој Договор имаме шанса да влеземе во ЕУ и НАТО како Македонци, како луѓе што го сочувале идентитетот, а македонскиот јазик во ЕУ ќе стане официјален јазик во заедница од 500 милиони луѓе. Договорот ги заштитува работите кои ни се најважни – рече министерката.
Таа зборуваше за бенефитите од членството на Македонија во ЕУ и НАТО. НАТО значи дека во случај на опасност за земја членка се активираат сите сили и капацитети на Алијансата. Рече дека во секоја земја откако станала членка на НАТО, следел раст на економијата, инвестициите и работните места и повеќекратно намалување на невработеноста.Членството во ЕУ значи пристап до многу поголем износ на европски пари и можност за фирмите да поделат повисоки плати, единствен начин да ги задржиме младите дома. Ако во Македонија имаме 260 000 евра европска помош дневно во Хрватска дневната сума европски пари на располагање е 3,5 милиони евра – рече министерката.
Таа рече дека оваа генерација нема да ги остави проблемите на младите туку ќе ги реши.
– Ова го правиме за вас, но нема да успее без вас – порача Шекеринска и повика на масовно гласање на 30 септември за европска Македонија.