Соопштение за јавност
-Од Вашингтон дојдов во Богданци. Добивме поддршка и од претседателот Трамп, за покажаното лидерство, за градењето пријателство, за односот фокусиран кон иднината. Стигна и порака од францускиот претседател Макрон, ни ја гарантира иднината во НАТО и ЕУ. Дојдоа во Македонија канцеларката Меркел, канцеларот Курц, Могерини.
Ова е исто така признание на нашата државност, јазик и идентитет, рече претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на денешната трибина во Богданци.
Тој додаде дека целиот свет и дава поддршка на Република Македонија, а прашањето со референдумот е дали ќе бидеме дел од светот или сами во светот.
Премиерот Заев рече дека ја разбира мачнотијата од географската одредница, но укажа дека со договорот од Преспа се потврдуваат македонскиот јазик и идентитет.
-Го потврдивме нашиот јазик и идентитет. Имаме држава признаена од цел свет, македонски народ признаен од цел свет, којшто говори јазик признаен од цел свет. Во Европскиот Парламент како македонски премиер зборував на македински јазик. Тоа е потврда на нашиот јазик и идентитет. Со овој договор ги остваруваме вековните аспирации на нашите претци, рече премиерот Заев.
Тој рече дека ги охрабрува сите да гласаат на референдумот.
-Сите деца ќе влезат во НАТО и во ЕУ, но некои луѓе ќе се горди на себе како постапиле, некои ќе жалат, а некои ќе се срамат. Требало да се прават уставни измени. Тие ќе бидат еден амандман и како што е наведено во договорот, ќе се внесе географската одредница, со повикување на документите од АСНОМ за македонската државност, со водење грижа за дијадпората како секаде во Европа и без иредентизам и територијални претензии. Со успешен референдум, ова е работа на Собранието, дополни претседателот на СДСМ и премиер Заев.
-Ова е одлука на нашата генерација. Шансата може да ни се повтори за 50 години. На 30. септември не се седи дома, на 30. септември се гласа се испишува историја, се гласа За европска Македонија, повика претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на трибината во Богданци.