fbpx

Шекеринска во Радовиш: Македонија во клучните моменти никогаш не греши, на 30 септември ќе излеземе ЗА европска иднина!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Одлуката на 30 септември ќе ја донесат оние кои ќе излезат да гласаат. Пишуваме историја, а Македонија во клучните моменти никогаш не греши – рече министерката Шекеринска на трибината во Радовиш.

– Не е патриотизам да се удираш во гради, туку да донесеш дома резултат, да донесеш покана за членство во НАТО, патриотизам е да обезбедиш датум за почеток на преговори, патриотизам е да решиш да организираш референдум и да бараш од граѓаните да ти помогнат во одлуката. Патриотизам не е да лажеш за договорот, патриотизам не е да лажеш дека нашиот јазик ќе се изгубел.Патриотизам е да отидеш во Стразбур и пред целиот Европски парламент да говориш на својот македонски мајчин јазик и да добиеш аплаузи на отворена сцена – рече Шекеринска.

Министерката рече дека како што во 2005 Македонија успеа да го обезбеди кандидатскиот статус, денеска обврската и долгот е час поскоро да ја внесеме Македонија во НАТО, што ќе го забрза патот кон Европската Унија. Тоа ќе значи спокоен живот, сигурност и економски просперитет.

– Македонија дневно користи 260 000 евра европски пари. Хрватска како членка на ЕУ врз основа на европските фондови троши 3,3 милиони евра дневно. Не сме толку богати да кажеме дека тие пари не ни требаат- рече Шекеринска.

Таа зборуваше за социјалната правда и солидарноста, рече дека ЕУ значи сигурност за најсиромашните. Владата не чекаше да дојде ЕУ да обезбеди можности за младите преку младинската гаранција, да планира зголемување на поодршката на сиромашните семејства, но заедно со европските земји на ова поле може да се постигне многу повеќе – рече министерката.

– Со гласот ЗА на референдумот го отвораме патот за ЕУ и НАТО. Ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик, како Македонци горди на својот идентитет и обичаи, како Европјани кои знаат да ја ценат својата историја и да гледаат напред кон сигурна иднина за своите деца- рече министерката.

На трибината зборуваше и градоначалникот Герасим Конзулов кој ги повика Радовишани да излезат масовно на референдумот, како и заменик генералниот директор на Бучим, Николајчо Николов, кој рече дека ќе гласа ЗА бидејќи со членството во ЕУ, позитивни ефекти ќе имаат и малите и големите бизниси во Македонија.

 

 

 

 

Последни вести