Соопштение за јавност
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска беше во посета на општините Струга и Вевчани.
За време на посетата Филипче ги посети своите колеги во здравствениот дом и општата болница во Струга, во здравствениот дом во Вевчани, како и во заводот за нефрологија во Струга, каде денеска им го честита јубилејот – 40 години од првата дијализа.
-Во Струга и Вевчани имаме добро организирани здравствени установи, млад и амбициозен кадар и инфраструктура. Со европските фондови, ќе ни се отворат можности за подобрена инфраструктура, градење нови болници, соработка со врвни медицински центри, размена на експертски знаења, односно ќе го донесеме европското здравство во Македонија.
Ние како генерација ја имаме честа да им оставиме на младите генерации европска држава. Имаме одговорност пред нив, да им обезбедиме подобар живот, иднина. Договорот е најдобриот влог во нашата иднина.
-Најмоќните сојузи ги отвораат ширум вратите за нас. Време е заеднички да им подадеме рака и на 30-ти септември да си ја обезбедиме картата за влез во НАТО и ЕУ. Бенефитот од овој процес е европско здравство за сите граѓани. Со сето ова ќе ги задржиме и младите лекари во земјава, ќе обезбедиме подобри услови за работа и подобра експертиза во земјава, порача Министерот за здравство на средбите со граѓаните во Струга.
Во Вевчани Филипче ги повика сите граѓани да се приклучат на референдумот и заеднички да ја внесат Македонија во големото европско семејство и НАТО сојузот.