Соопштение за јавност
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, синоќа, в рамки на референдумската кампања, излези ЗА европска Македонија, се обрати пред граѓаните во Делчево.
„Сите знаеме пред каква сериозна одлука ни е исправена државата и целиот наш народ“, рече премиерот Заев споделувајќи ја пред делчевчани визијата за европска Македонија, и додаде дека не смее да ни е сè исто дали ќе останеме изолирани како народ, како луѓе, како деловна заедница, или ќе се интегрираме во Европското семејство со пазар од петстотини милиони жители.
„Дваесет и седум години чекаме, преговараме, конечно имаме шанса да го направиме квантниот скок, конечно имаме шанса да станеме членка на НАТО и да отпочнеме претпристапни преговори со ЕУ“, рече премиерот Заев пред граѓаните на Делчево.
Цитирајќи ги зборовите на Гоце Делчев, „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, премиерот потенцираше дека со одлуката на граѓаните на референдумот, Македонија ќе биде еднаков партнер во натпреварот со останатите европски земји на културен економски и секаков друг план.
„Еве го моментот, кога имаме признаен македонски јазик, признаен македонски народ, како доминантен народ во Република Македонија, рамо до рамо, во земјите членки на НАТО и на ЕУ. Можете ли да замислите, како ќе изгледа нашето македонско знаме дигнато заедно со сите знамиња на земјите членки на ЕУ и на НАТО“, рече тој.
Во својот настап пред граѓаните на Делчево, тој потенцираше дека со овој чекор го зацврстуваме македонскиот идентитет и македонскиот јазик ќе стане официјален јазик и во европскиот парламент, на кој пратениците кои би ја претставувале Македонија во тој парламент, ќе зборуваат на нашиот, македонски јазик, „конечно признаен и идентитет и јазик“, како што истакна тој.
Коментирајќи ги критиките за постигнатиот договор со Грција за решавање на спорот со името, премиерот Заев рече е дека тој договор носи само придобивки за двете страни.
„Зборувајте со секој, зборувајте дека оваа земја е одговорност на секој, не само ваша и моја, таа е на сите. Кампања правиме за наша Македонија, и должност ни е да одработиме, да излеземе јуначки татковински за наша Македонија“, рече премиерот Заев.
Тој во оваа прилика ги повика посебно младите, да излезат и да гласаат на референдумот, и да бидат пример за повозрасните, да покажат дека токму тие, младите сакаат најмногу да ја видат Македонија членка на НАТО и на ЕУ.
„Почитувани граѓани да немате дилема, на вистинскиот пат сме. Јас сум убеден дека заедно ќе успееме, затоа што во аманет на младите им останува иднината и татковината“, рече премиерот пред делчевчани.
Со гласот на референдум, рече премиерот Заев порача дека секој граѓанин се запишува во историјата на Република Македонија, како градител на подобра држава и подобра иднина.