Соопштение за јавност
„Да немате дилема, ова е исправната одлука ЗА, за иднината, ЗА, за нашите деца, ЗА, за Велес, ЗА, за нашата Македонија“, им порача вчера вечер Премиерот и претседателот на Социјал – демократскиот сојуз на граѓаните на Велес.
Зборувајќи за придобивките од членството во ЕУ, Премиерот Заев посочи дека и синдикатите и бизнисмените и стопанствениците, но и граѓаните знаат дека платите драстично ќе пораснат, а со тоа ќе се подобри стандардот и благосостојбата на сите во Македонија.
„Знаеме сите што значи Европа. Значи нови инвестиции, значи натпревар на инвеститорите кој ќе плати повеќе да добие работник, значи со тоа и повисоки плати, значи намалување на невработеноста во државата, значи живот, живот во Македонија, дел од семејството на Европската унија“, рече премиерот Заев.
Пред жителите на Велес Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев го истакна и значењето од постигнатиот компромис преку македонско-грчкиот договор. Освен нов искрен пријател, како што рече Премиерот Заев, со договорот се отворија нови перспективи за Македонија. А во исто време, додаде Премиерот Заев, македонскиот идентитет не само што е зачуван, туку е и признаен од сите светски земји.
„Добивме држава признаена од цел свет, во којашто живее доминантно македонски народ, признаен од целиот свет, којшто зборува на доминантно официјален службен јазик – македонски јазик, признаен од целиот свет. Па за што друго се бореа нашите дедовци и прадедовци? Се бореа токму за тоа – да бидеме признаени од целиот свет“ рече Заев.
„Со НАТО никогаш повеќе војна. Мир, стабилност, слобода, безбедност за век и веков за Македонија“ , додаде тој.
Порачувајќи им дека во европска Македонија ќе сакаат да останат дома, Премиерот Заев ги повика младите велешани да бидат одговорни и да ја исполнат својата обврска на 30 септември. Како што рече тој, ова е неповторлива шанса која што не смееме да ја пропуштиме.
„Имате право да учите школо еднакво квалитетно како сите во западните европски земји. Имате право да разменувате студентски студиски програми насекаде во Европа. Имате право да имате квалитетно европско здравство. Имате целосно право да бирате работа којашто ќе биде добро платена. Имате право овде да останете во Македонија и овде да го планирате своето семејство. Имате право и обврска да си ја чувате оваа Македонија којашто е оставена во аманет на Вас младите луѓе“, додаде Заев.
„Да му покажеме на целиот демократски свет, овде има свесен, зрел, трезвен демократски народ којшто знае што е најдобро за својата земја, но и знае да го почитува ваквото големо пријателство коешто е испорачано према наша мала Македонија. Ајде почитувани граѓани да му покажеме на светот дека сме достојни да бидеме рамо до рамо со тој свет“ рече премиерот Заев.
Порака на жителите на Велес синоќа им испрати и градоначалникот Аце Коцевски. „Референдумот не е политичко прашање, референдумот е надпартиски“, посочи Коцевски и ги повика своите сограѓани на 30 септември да излезат ЗА европска Македонија, бидејќи како што рече Велес и Велешани секогаш биле на вистинската, прогресивната страна.