Соопштение за јавност
Поддршката која ја добиваме од светот денеска ни покажува дека лажна била тезата која ја слушавме минатите 10 години – дека светот е против нас! Во Македонија дојде најмоќниот Европјанин и најмоќната жена на светот да ни покажат дека Европа и Германија ги отвораат вратите за Македонија. Одлуката сега не е нивна, туку е наша. За само една година успеавме да ја трансформираме Македонија од изолирана држава во држава со покана за НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Го решивме и спорот со Грција, и донесовме достоинствено решение.Сега е на граѓаните со својот глас на 30 септември даобезбедат европска иднина за Македонија- рече министерката за одбрана Шекеринска на трибина во Злетово.
– Сите не болеше душата кога моравме да седнеме и да преговараме. Но кога седнавме, знаевме дека ќе направиме се да го гарантираме и зацврстиме македонскиот идентитет. И тоа стои во договорот. Сите кои лажат поинаку нека седнат и нека го покажат црно на бело. Ова е првиот договор со кој ние во ЕУ и НАТО ќе го обезбедиме македонскиот јазик, јазикот на Конески. Треба да чувствуваме патриотска подготвеност да обезбедиме Македонскиот јазик да стане официјален јазик на Унијата од 500 милиони луѓе, да биде со ист статус како јазиците на земјите членки на ЕУ – рече Шекеринска и ги повика граѓаните на 30 септември да бидат дел од четвртиот Илинден.
Шекеринска ги повика младите да се борат и да се изборат за себе, а возрасните со својот глас да им ги обезбедат истите шанси како што ги имаат нивните европски врсници, но во својата држава како членка на ЕУ и НАТО. Членството во ЕУ значи финансиска помош во милијарди а членството во НАТО – безбедни граници, сигурност и инвестиции. Не постои поголем патриотски чин од обезбедувањето на иднината на граѓаните и државата како дел од ЕУ и НАТО – рече министерката.
Таа ги повика граѓаните да го направат одлучувачкиот чекор и на 30 септември да гласаат на референдумот за европска Македонија. Сите имаме јасна и конкретна должност- Македонија ќе оди напред само доколку сите заедно излеземе и гласаме на 30-ти септември – рече министерката.