fbpx

Македонски јазик и македонски идентитет признаени од целиот свет е вековна придобивка за нашата Македонија!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Премиерот од Македонска Каменица: Македонски јазик и македонски идентитет признаени од целиот свет е вековна придобивка за нашата Македонија!

Претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев денеска присуствуваше на граѓанската дебата во Македонска Каменица на коалицијата „Заедно за Европска Македонија“ и пред многубројните граѓани зборуваше за важноста да се излезе и гласа на референдум за да ја зграпчиме историската можност пред којашто е исправена нашата земја конечно да стане членка на најмоќниот воен сојуз НАТО и најсилната економска заедница ЕУ.

„Прво ќе тргнам од тоа што го знам како податок уште од млади години. Тоа е градот на Јаков од Камена Река којшто е првиот печатач во шеснаесетиот век кој отишол во Венеција и се вратил со испечатени книги на црковно словенски јазик којшто е темелот на нашиот македонски јазик. Значи може да бидете горди втемелувачи на нашата гордост, нашиот македонскиот јазик.
Тој е јазикот за којшто денеска сите зборуваме со гордост во Македонија е признаен од целиот свет. Јазикот е нашиот идентитет. Јазикот е нашата татковина, зборуваше Блаже Конески. Јазикот е нешто по што сме различни од сите други народи и народности насекаде во светот. Конечно со договорот од Преспа, договорот со Грција што го постигнавме имаме целосна заштита на македонскиот идентитет, целосна заштита на нашиот македонски јазик. И не само тоа. Договорот е потпишан од грчка страна. Грција признава нашиот македонски јазик, Грција признава македонски идентитет.“ истакна премиерот Заев.
Премиерот Заев додаде дека вековна определба на нашиот народ, на нашите дедовци и прадедовци е да имаме земја признаена од целиот свет во која живее доминатно македонски народ којшто зборува македонски јазик признает во целиот свет.

„Со Договорот од Преспа го постигнавме тоа. Точно е, направивме компромис. Разграничивме северен дел на Грција којшто се вика регион Македонија од нашата Македонија. Но факт е, сите знаеме, учевме во учебниците дека има Егејска Македонија, дека има Пиринска Македонија, па зборуваме за Мала Преспа, Македонци кои живеат во Албанија. Факт е дека од тој историски регион Македонија ние сме северниот дел. Преку ваквиот компромис конечно добивме земја признаена од сите, со народ македонски признаен од сите којшто зборува македонски јазик признаен од сите. Ова е вековна придобивка за нашата Македонија“ порача премиерот Заев.

Пред присутните граѓани на Македонска Каменица се обратија и градоначалничката Соња Стаменкова и младиот политиколог Никола Ќурчиски кои ги повикаа граѓаните да излезат и гласаат на референдумот на 30-ти септември и на тој начин заедно да ја овозможиме светлата и перспективна иднина на Република Македонија како членка на ЕУ и НАТО.

 

 

Последни вести