fbpx

Договорот ќе и овозможи на Македонија да гледа кон иднината

Facebook
Twitter
LinkedIn

Сооштение за јавност

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска престојува во посета на Пробиштип.

Во изјава за медиумите Шекеринска рече дека е убедена во поддршката на граѓаните од Пробиштип за референдумот и членството на Македонија во ЕУ и НАТО, бидејќи тие и досега почувствувале што значи поддршката од ЕУ.

„И во општина Пробиштип и на ниво на Македонија можеме да видиме колкава е европската помош која што сме ја добивале досега, а во земјите околу нас можеме да видиме колку таа ќе порасне доколку Македонија стане членка на Европската Унија и на НАТО-Алијансата. И затоа навистина сме посветени нашата татковина час поскоро да ја направиме членка на овие два моќни сојузи“, рече министерката Шекеринска. 

Шекеринска додаде дека вратите на овие сојузи ни се отворени  и дека светот ни подаде рака. „За само неколку дена во посета на Македонија пристигнаа најмоќните луѓе на светот. Тоа покажува дека на 30 септември навистина имаме историска одговорност да ја искористиме оваа шанса и во наше име и во име на сите следни генерации. Десет години не убедуваа дека Македонија мора да тоне во изолација затоа што светот не нè сака. Овие денови покажуваме дека тоа било лага. Покажуваме дека светот знае да ги цени напорите кои што ги направивме изминатата година и за само кус временски период успеавме државата од изолирана да ја направиме пример за успех на Балканот“, рече министерката.

За Договорот со Грција, министерката истакна дека процесот на преговори бил тежок, а решението барало компромис од двете страни, но и дека договорот е оној кој ќе и овозможи на Македонија да гледа во иднината. 

„Договорот е оној кој ќе ја гарантира нашата посебност како народ кој што еднаш засекогаш ќе ги прекине оспорувањата на нашиот македонски идентитет, на нашата посебност како народ, како држава. Договорот е тој кој што ќе ја потврди улогата и на македонскиот јазик како иден официјален јазик на ЕУ и јазик кој што ќе се користи во НАТО“, рече Шекеринска. 

Министерката изрази задоволство што на денот на посетата на Пробиштип, Владата на Република Македонија со своја одлука покажа дека го реализира она што е најавено токму во овој град – измени на законот со кој што ќе се овозможи еден важен дел од населението, рударите, да одат во пензија под изменети услови, односно да не ја земаат предвид старосната граница, туку да се пензионираат само по основ на стаж.

Последни вести