fbpx

Македонија е добредојдена во ЕУ и НАТО, време е нашите деца да ги добијат истите можности како нивните врсници во Европа

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска е во посета на Струмица каде имаше средби со граѓаните и градоначалникот Коста Јаневски, а вечерва ќе учествува на трибина.

Таа им порача на струмичани дека е убедена во нивната поддршка на референдумот кој е патот за Македонија кон ЕУ и НАТО, бидејќи Струмица веќе ги почувствува придобивките од европската помош со кои се решаваат крупни локални прашања. Со околу 6 милиони евра од ЕУ во Струмица се гради пречистителна станица за отпадни води, со пари од ЕУ се градат соларни колектори, се вложува во заштита на струмичкото културно и природно наследство, а со влезот на Македонија во ЕУ и НАТО ние ќе и помогнеме на нашата татковина да има подобри општини, поквалитетни институции, позадоволни граѓани, поголем број и подобро платени работни места.

„Не треба да гледаме подалеку од нашите соседи и ќе видиме дека во Бугарија двојно пораснаа платите, дека во Романија двојно се намали младинската невработеност, да видиме дека во Црна Гора само во првите 6 месеци оваа година откако стана членка во НАТО повеќе од два пати се зголемија странските директни инвестиции. Кога ќе ги видиме сите овие податоци, ќе го донесеме логичниот заклучок дека членството во НАТО ќе ни ја зацврсти државата, ќе ни ги обезбеди дополнително границите, ќе ја гарантира стабилноста, а членството во ЕУ ќе им даде на македонските млади, на нашите млади и деца шанса да ги имаат истите придобивки кои ги имаат младите и децата во ЕУ – подобро образование, шанса за образование во други држави, шанса за подобра работа и шанса за подобра плата“, истакна министерката Шекеринска.

Гласот ЗА на референдумот е глас за Македонија како држава членка на НАТО, а гаранцијата на безбедноста и стабилноста на НАТО е гаранција и за инвеститорите кои сакаат безбедна и предвидлива клима за инвестирање – рече министерката и потенцираше – дали ќе ги добиеме овие гаранции зависи од секој граѓанин поединечно.

„Одлуката на 30 септември, зависи од секој од нас – секој глас може да биде пресуден. Одлуката на 30 септември можеме да ја споредиме само со одлуката која што ја донесовме пред 27 години, исто во септември, кога гласавме за независноста на нашата татковина. Тогаш гласавме за да ја земеме судбината во свои раце, сега треба да гласаме за да ја зацврстиме нашата државност со членство во НАТО и членство во Европската Унија. Да не дозволиме нашите млади да бегаат во Европа, да бегаат во земјите – членки на НАТО и ЕУ да се обидеме и Европа и НАТО – вредностите да ги донесеме тука во Македонија. Тоа ќе биде одлуката на 30 септември и таа одлука зависи од секој од нас“, потенцираше Шекеринска.

Посетата на Струмица, министеркатаШекеринска ја продолжува со средби со претставници на боречката организација и вечерва на трибина со граѓаните, која ќе започне во 18.30 во Градскиот парк (пред Дом на АРМ).

 

 

 

Последни вести