Соопштение за јавност
Контактот со граѓаните и грижата за нивните проблеми нема да заврши на денот кога ќе завршат изборите. И затоа, ветувам дека како претставник на граѓаните во идното Собрание на Македонија, ќе останам достапен за вас, за вашите грижи, маки, но и идеи и предлози.
Ова го истакна Д-р Венко Филипче, носител на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина за Изборната единица 4. Филипче изборното претставување го започна од Демир Капија каде што имаше обраќање на граѓански митинг.
„Политиката носи одговорност. Одговорност за она што ќе се случува со нашата земја во иднина. Одговорност за тоа како ќе живеат граѓаните во неа. Одговорност за создавањето услови за мирен и спокоен живот, ослободен од грижи и сиромаштија. И јас ја прифаќам таа одговорност“, рече Филипче.
Одговорност носи и СДСМ која во изминатите седум години мандат се соочи со повеќе кризи: економска, здравствена, енергетска. Но, кризите не се изговор за грешките што беа направени, рече Филипче, додавајќи дека како одговорна партија СДСМ учи од грешките.
„Го вложивме секој денар за да ги поддржиме семејствата и компаниите во економската криза. Го вложивме секој атом енергија да ги лечиме и спасуваме луѓето во Ковид кризата. Ги донесовме сите мерки да ги намалиме трошоците на родителите да имаат повеќе за своите деца. Ние со дигната глава можеме да кажеме дека СДСМ водеше исправни политики во интерес на сите граѓани во услови на светска дестабилизација. Тоа е дефиниција за лидерство и патриотизам“, изјави Филипче.
Наспроти државничката улога на СДСМ, стои ВМРО-ДПМНЕ чија улога е да го блокира општеството и државата.
„Пред нас се избори на кои граѓаните бираат помеѓу два многу различни концепти. Едниот е нашиот, кој гарантира зачувување на мирот, стабилноста и интегрирање на Македонија во Европа. Нашата порака е јасна и искрена. СДСМ го нуди патот на развојот и сигурноста. Од друга страна е концептот на ВМРО-ДПМНЕ кој се заснова на дестабилизација, застој, блокади и доведување во прашање на се она што е постигнато. Нивната понуда е неискрена, нејасна и опасна за иднината на земјата“,рече Филипче.
Ваквата политика на ВМРО-ДПМНЕ е резултат на нивната стратегија чија цел не е напредокот, туку назадувањето, не е мирот, туку конфликтот. Не е градењето пријателства, туку создавање внатрешни и надворешни непријатели, амбиент кој го создава ВМРО-ДПМНЕ, истакна Филипче.
„Тоа е амбиентот кој ќе биде секојдневие ако победат на изборите. Со ВМРО-ДПМНЕ нема напредок, затоа што едноставно напредокот не им одговара. Затоа што тие не би знаеле да се снајдат во таква ситуација. ВМРО-ДПМНЕ знае да води политика само ако Македонија е во калта, долу. Знаат да пливаат во политиката само ако разговараме за поделби, за етнички конфликти, за лажен патриотизам“, рече Филипче.
Затоа, Филипче ги повика граѓаните да бираат мудро на овие избори истакнувајќи дека СДСМ нуди јасна визија за иднината во која Македонија економски расте во Европската Унија и во која оние кои заминаа ќе сакаат да се вратат во држава која ќе нуди еднакви услови како развиените земји.
„Сега е време за размислување со ладна глава, бидејќи одлуките денес имаат големи последици на иднината. СДСМ е партијата која секогаш е на вистинската страна на историјата, која и кога греши не скршнува од вистинскиот пат. Затоа повикувам на масовно обединување кое значи само подобра иднина и сигурен пат напред. А јас, лично ветувам дека во мене секогаш ќе имате партнер и другар а мојата врата ќе биде отворена за сите“, заврши Филипче.