Битиќи: Премногу длабоки се лузните од ВМРО-ДПМНЕ за граѓаните да му простат
„Не може да го заборавиме 27 април, 2017 година, кога државата беше доведена на раб од граѓанска војна само за тоа што Груевски не сакаше да ја напушти власта. Режимот сакаше да не сврти едни против други, политичката битка да ја направи меѓуетничка. Ова не смее да се заборави, не смее да им се прости, бидејќи денешното ВМРО-ДПМНЕ го водат истите тие кои беа зад завесите на овој трагичен ден за нашата демократија“, порача на денешните средби со жителите на скопската општина Чаир, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Потпретседателот на СДСМ, Битиќи истакна дека кај ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка за претседател на државата, Гордана Силјановска нема место за различности, во нивниот тесен политички поглед, секој е еден кој не ги прифаќа ксенофобичните ставови е исклучен, маргинализиран и отфрлен.
„Кај нив нема место за граѓаните кои веруваат во Македонија дека може да биде европски дом, во кој ќе има место за секого. Но имаат една несреќа, а тоа е дека тие граѓани се многу повеќе отколку што се ВМРО-ДПМНЕ и за тоа на 8-ми мај да им го покажеме патот кон буништето на историјата“, порача Битиќи.
Тој апелира на парламентарните и претседателските избори, да се покаже европска зрелост и да не му се даде шанса на национализмот повторно да ја освои државата.
„Да се ослободиме од стравовите и да го прифатиме единството, единството во различностите, бидејќи таму лежи нашата сила. Верувам во вас, во граѓаните, верувам дека тоа ќе го препознаете, дека ќе ги отфрлите политиките кои ви се наметнуваат од елити кои немаат што да ви понудат освен да ве туркаат кон минатото и поделбите“, упати повик до жителите на Чаир, потпретседателот на СДСМ, Битиќи.