Предлог ПРОГРАМА
Секој член е промената!
на Кандидат за Претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија Александар Бајдевски
Содржина
- Краток осврт. 3
- Идеолошки постулати.. 4
- Партиско организирање. 6
- Општествено делување. 11
- Градење коалиции – клуч за градење на политичка стабилност и ефективност. 15
- Меѓународна соработка. 16
Јас и Мојот тим (обичните членови на СДСМ) ја составивме оваа предлог Програма за краток период, со цел да ја прикажеме нашата визија за развојот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ). Во неа се пресликани нашите гледишта, до кои дојдовме преку многу заеднички дискусии. Финалната програма и начин на функционирање на нашата партија ќе го креираме со продолжување на нашите разговорите , преку споделување на нашите визии, но и преку инкорпорирање на мислењата.. Овие разговори ќе ги продолжиме веднаш после мојот избор, за да сме сигурни дека заеднички сме дошле до најдобрата визија и програма за работењето на СДСМ во наредниот четиригодишен период.
Имајќи во предвид дека сум долги години во СДСМ, од 1995 година, паметам години кога во нашата партија постоеше единство, другарство, солидарност, идеологија, взаемна поддршка, како и мотив и желба за подобрување на состојбите како во партијата така и во државата. Тоа е она што ќе тежнеам да се врати преку моето работење. Заедно со мојот тим, ќе се потрудиме да докажеме дека СДСМ има капацитет и потенцијал да биде водечка сила во државата, да ги поправи грешките од минатото и да овозможи подобар живот за сите граѓани.
Еден од стратешките чекори што треба да ги направиме е да ја вратиме препознатливоста на СДСМ. Кога некој ќе нé праша за што се бориме, ние мораме да имаме конкретен, јасен и прецизен одговор. За таа цел, потребно ни е враќање на корените, враќање на основните социјалдемократски вредности, слободата, правдата,солидарноста, еднаквите шанси за сите. Иако постои перцепција дека во оваа земја граѓаните не ги интересираатидеологија и вредности, јас цврсто верувам дека мораме да изградиме препознатливост кај гласачите преку нашето опстојување и бескомпромисно залагање за вредностите што ја карактеризираат нашата идеолошка матрица.
Токму тоа е содржано во оваа предлог Програма. Нашата визија за реструктурирање и децентрализација на партијата, како и овозможување на поголемо учество на членовите во одлучувачките процеси. Нашата визија за социјалдемократска Влада заснована на мисија, со конкретни цели за подобрување на животот на сте граѓани. Како и нашата визија за модерен и меѓународно влијателен Социјалдемократски Сојуз на Македонија, со изградени коалиции внатре и надвор од државата.
Силно сум убеден дека моето досегашно партиско искуство, како и мудроста на мојот тим се гаранција дека ова можеме да го постигнеме во наредните четири години. Имаме и знаење и елан и капацитет да го реализираме сето она што е напишано во оваа предлог програма, но и свесност за потребата од целосна и континуирана вклученост на сите членови во нашето идно работење.
Како никогаш досега имаме потреба за трезвени, многу внимателни и постепени коренити промени од секој аспект внатре во партијата кои ќе демонстрираат пополека но сигурно целокупна зрелост и подготвеност на партијата. СДСМ мора да ги искористи сите свои внатрешни капацитети и ресурси, да им даде шанса на новите генерации со поинаква визија, да ја искористи втемелената мудрост во искусните кадри и секако да ги отвори широко вратите за сите храбри луѓе кои сакаат недвосмислено да се впуштат во зграпчувањето на шансата – преку СДСМ да дадат свој придонес кон поубава и понадежна иднина на својата земја. Се разбира свесен сум дека тоа нема да оди лесно, но истовремено сум сигурен дека СДСМ има потенцијал да се реорганизира и за брзо време да стане повторно водечка сила во државата.
Стеканатото искуство со постепено поминати скоро сите скалила и нивоа во партијата ме прават добар познавач на целокупната партиска структура, на нејзините механизми на раководење, на сите предности и слабости присутни од највисоко до најниско ниво. Сметам дека сум доволно упатен во се што значи СДСМ, ги познавам скоро сите активисти на партијата и најголем дел од членовите.
Мојата цел не е само да станам претседател на партијата. Јас сакам сите заедно да направиме победнички СДСМ кој ќе ја направи нашата држава слободна, модерна и просперитетна.
И, една работа мора да биде кристално јасна. Промените содржани во оваа Програма не значат дека досега не сме биле добри, туку дека мораме да станеме најдобри!
2. Идеолошки постулати
Слобода. Праведност. Солидарност.
Трите постулати на социјалдемократијата, кои ја водат работата и политиките на СДСМ, како што е впрочем наведено во преамбулатана статутот на СДСМ:
„Поаѓајќи од слободата, еднаквоста, солидарноста, правдата и демократијата како фундаментални вредности на едно општество” и „Стремејќи се кон целите на социјалната демократија за слободни и еднакви граѓани во солидарно општество”.
Овие основни идеолошки стожери на социјалдемократијата мора да бидат и основни стожери на целото општество. Не само заради тоа што се социјалдемократски, туку затоа што создаваат здрава основа за подобро општество. На овие вредности нужно е да се додаде и принципот на солидарно споделување на одговорноста, обврските и бенефициите на секој партиски член. Овој принцип на тнр. “саможртва“ значи дека во услови на опозициско делување (а потоа и од позиција на власт), членовите и особено функционерите на СДСМ ќе имаат обврска да ги солидаризираат личните придобивки во име на поширокото членство и јавност. Партијата мора да научи дека не постојат вечни функционери, дека не постојат вечни бенефиции, и дека во услови на тешко живеење на членството и во услови на тешка политичка борба против недемократска власт, врвните функционери и носители на функции мора да бидат подготвени да ја дадат сопствената “жртва“ во име на повисоките интереси на партијата и општеството. Таквиот начин на функционирање ќе го подобри другарството и солидарноста во партијата и ќе прати силна порака до неопределените гласачи.
Идејата на Русо за слободата во општеството била: „Граѓаните се навистина слободни само кога можат самите да ги од уредуваат своите закони. Значи, по требна е демократија за граѓаните да бидат слободни.“ И уште нешто било многу важно според Русо: „Идејата за слобода не смее да се злоупотреби. Некои граѓани го користат зборот слобода во ситуации во кои воопшто не постои слобода.“ Воден од оваа идеја, сметам дека треба да се фокусираме во наредниот период целосно да ја гарантираме и заштитиме слободата на сите наши граѓани. Праведноста, до скоро толкувана како еднаквост во социјалдемократијата, треба да овозможи фер поделба на обврски и бенефити за сите кои учествуваат во поделбата. Праведноста, за мене, подразбира дека и покрај тие разлики секој ќе добие исти можности и фер шанси. Солидарноста, пак, сметам дека е комбинација од заемна одговорност и помош; дејствување во интерес на мнозинството, а не само свој интерес; взаемна поддршка во борбата против неправдите и во партијата и во општеството. Солидарноста подразбира да се бориме заедно со другите граѓани за подобар свет. Тоа не е поддршка на краток рок, туку подобар живот за во иднина. Идејата за солидарноста на Ричард Сенет гласи: „Оваа соработка, всушност, е размена од која секој учесник профитира. Граѓаните работат заедно за да создадат нешто што не би можеле да го постигнат самостојно“. Кога секој се бори сам за себе, општеството во целина не постигнува многу. Кога граѓаните работат заедно и се поддржуваат меѓусебно, можат да направат многу повеќе. За мене суштината на социјалдемократијата се овие три вредности и нивната меѓусебна поврзаност.
Основите на социјалдемократијата сметам дека треба да се имплементираат преку неколку клучни принципи и цели:
- Социјална правда: залагање за намалување на социјалните нееднаквости преку прераспределба на богатството и можностите. Ова вклучува поддршка за прогресивно оданочување, социјална помош и јавни услуги како здравство и образование.
- Демократија: социјалдемократијата се залага за демократски институции и процеси. Ова вклучува заштита на човековите права, слободни и фер избори, и учество на граѓаните во политичките процеси.
- Колективна солидарност: нашата идеологија ја нагласува важноста на солидарноста и заедништвото. Социјалдемократите веруваат дека општеството треба да се грижи за своите членови, особено за најранливите групи.
- Заштита на трудот: залагање за заштита на правата на работниците, вклучувајќи право на синдикално организирање, фер плати, и добри услови за работа.
- Економска стабилност и раст: Социјалдемократите поддржуваат политики кои поттикнуваат економски раст, но и економска стабилност. Ова вклучува борба против инфлација, невработеност и економски кризи.
- Социјална инклузија: промовирање инклузивност и еднакви можности за сите граѓани, без разлика на нивната позадина, раса, пол или економски статус.
Ова се вредноститекои сметам дека треба да ги направиме основа на нашето функционирање, да ги вградиме во секоја клетка на нашето работење и живеење. Паметам дека во времињата кога растев во СДСМ, далечните 90ти години, партијата редовно организираше обуки кои ќе ја доближат оваа идеологија до секој член. Моето залагање во наредните години, доколку бидам избран, ќе биде токму враќање на ваквиот начин на доближување на нашата идеологија до секој член. Ќе правам напори вакви обуки да имаме барем еднаш на два месеци во секоја наша структура, и на општинско ниво, но и во СДММ, Форумот на жени и стручните комисии. Врз основа на така реализираните обуки ќе настојувам потоа сите заедно да ги идентификуваме најсоодветните социјалдемократски политики за Република Северна Македонија.
Само со враќање кон основните наши вредности ќе можеме повторно да станеме водечка и препознатлива партија и ќе ги привлечеме назад сите оние членови кои веќе не се препознаваат во нашите досегашни политики.
3. Партиско организирање
Најголем ресурс на нашата партија се нашите членови. Менаџирањето со нивните очекувања, размислувања, желби и потреби е најголем предизвик за секој лидер. Оттука на овој дел посветив најголем дел во моето размислување како да продолжиме понатаму. Тука ќе ја претставам мојата визија, но сакам да потенцирам дека штом ќе бидам избран, ќе направам посета на секоја општина и ќе разговарам со членовите каде погрешивме во минатото, какви се нивните гледишта и дали е тоа најдобриот концепт.
Првата работа што треба да се направи е зголемеа децентрализација на партијата, преку ревидирање на статутот и неговите одредби. Ако членовите ги сметам како најголем ресурс, сметам дека треба да имаат и поголема моќ на одлучување. Притоа тука не мислам само на поголема моќ на општинските организации, туку на поголема одлучувачка моќ на секој член. Ако секој член има можност да одлучува кој ќе биде Претседател на партијата, истата одлучувачка моќ треба да ја има и за тоа кој ќе ги води општинските организации, кој ќе биде на листа за советници и пратеници, кој ќе биде кандидат за градоначалник. Во моето работење ќе има место за секој член кој ќе сака да се вклучи и даде придонес во обновата на партијата. Мојата визија предвидува работење од долу нагоре, наесто како досега од горе надолу.
Првенствено ќе започнам со спроведување на целосна ре-евиденција на членството. Тоа ќе го спроведам со избор на група активисти во секоја општинска организација која во најкраток рок ќе ја заврши ре-евиденцијата преку личен разговор со секој член. Откако ќе заврши ре-евиденцијата на членството, ќе се организираат состаноци на секој месен одбор, на кои тие ќе можат да изберат претседатели на месните одбори и одреден број делегати на конференција, на ниво на месна организација. Тие ќе се сметаат како директни претставници на членовите и пред одржување на секоја конференција ќе треба да имаат состаноци со членството од месната организација која ја претставуваат, со цел на конференцијата да ги претставуваат ставовите на членството, а не своите лични ставови. На така избрана конференција, ќе се бира Претседател, Извршен и Надзорен одбор на општинската организација, но не преку затворени, туку преку отворени листи. На секоја од листите ќе има најмалку 10% и највеќе 30% предлози од тие што треба да бидат избрани. Така на пример, за избор на Претседател на ОО СДСМ ќе има најмалку двајца кандидати, за избор на 15 члена на Извршен Одбор, на листата ќе има најмалку 20 кандидати.
Истиот принцип ќе важи и за избор на органите и телата на централно ниво. Делегатите на Конгрес ќе имаат можност да се изјаснат за проширени листи на кандидати за членови на Централен и Надзорен Одбор. Притоа задолжително претходно ќе треба да направат консултации со своите општински организации, со цел на Конгресот да го застапуваат нивното мислење.
На ваков начин ќе формираме силна структура почнувајќи од месно преку општинско и регионално, до централно ниво. Ќе ја организираме ефикасно работата на Градската организација на СДСМ во Скопје. Таа мора да зајакне во секој поглед. Притоа, мора да има градски партиски лидер кој ќе биде познат и препознатлив, кој тесно ќе соработува со Централата и со сите општински организации во Скопје.
Со вакво децентрализирано функционирање, верувам дека ќе можеме да ги вклучиме сите членови во носењето на одлуки и да придонесеме одлуките да бидат базирани на реалните состојби и мислењата на членството. Со тоа ќе придонесеме да се зголеми демократијата внатрепартиски, а потоа на некои наредни парламентарни избори да го пренесеме тоа и на државно ниво.
Во однос на пратеничките и советничките листи сметам дека најдобар пристап би бил пристапот како за избор на Претседател на СДСМ, односно гласање на сите членови. Исто така, на членовите ќе им бидат предложени кандидатски листи со најмалку 10%, а највеќе 30% повеќе кандидати од оние кои треба да се изберат. На пример, ако треба кандидатската листа за пратеници за ИЕ 1 да брои 20 пратеници, на членовите ќе им се понуди за гласање листа од најмалку 22, а највеќе 26 кандидати, за кои тие ќе можат да се изјаснат. Се разбира ова може да биде различно, во зависност од формираните коалиции. На ваков начин верувам дека ќе обезбедиме на листите за пратеници да се најдат луѓе кои вистински узиваат углед и почитување меѓу членовите и ќе можат на вистински начин да ги претставуваат истите.
Истиот принцип ќе се преслика и во Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) и во Форумот на жени на СДСМ (ФЖ). Имено, после измена на нивните статутарни акти, принципот на децентрализација и почитување на мислењето на членовите ќе се преслика и кај нив. Се разбира тоа ќе се осмисли и целосно дефинира во соработка со СДММ и ФЖ, но мое гледиште е дека треба лидерите на СДММ и ФЖ да се бираат од членството, наместо да се номинираат од највисоките партиски органи.Од исклучително значење ќе биде и реизбор на Форумот на пензионери, по истите принципи кои погоре ги напоменав.
Покрај овие структурни облици на организирање, ќе поттикнувам и формирање на интересовни облици. Тука, од првенствено значење, ќе биде обновување на стручните Комисии на СДСМ, во кои покрај членовите, ќе можат да дадат придонес и симпатизерите и поддржувачите. Ова ни претставува сериозен механизам за стручно ангажирање и отварање на партијата кон многу професионалци од различни области и сегменти на општеството. Притоа истите ќе се поттикнуваат да се користи веќе постојната Стандардна Оперативна Процедура за креирање на инклузивни политики, имајќи во предвид дека истата е развиена со поддршка на нашите меѓународни партнери. Стручното креирање на инклузивни политики е процес кој вклучува внимателно планирање, анализа и примена на мерки за обезбедување на еднакви можности и учество на сите граѓани во општеството. Овој процес бара интердисциплинарен пристап и вклучување на различни стручњаци, институции и заедници. Основната задача на Комисиите ќе биде следење на работата на Владата и подготовка на социјалдемократски политики како одговор на владините политики, односно функционирање како некој вид „Влада во сенка“.
На ниво на општински организации ќе ги вратиме советите на интелектуалци, клубовите на стопанственици но и ќе создадеме и нови интересни облици на функционирање како што се клубот на работници, клубот на пензионери, пактот со земјоделските здруженија и невладините организации и слично.
Реструктурирањето нема да биде доволно само по себе, доколку немаме план за активности во наредниот период и инсистираме тој да се спроведува.
Првенствено ќе биде да се врати комуникацијата на централно и локално ниво и да се одржуваат редовни средби и консултации со членството. Таа комуникација ќе мора да биде двонасочна, односно избраните членови на раководните органи да го пренесуваат мислењето на членството (после спроведени консултации со членството), но и повратно да го информираат челнството за днесените одлуки на органите и телата. Општинските организации ќе имаа конкретни континуирани оперативни задачи согласно новото политичко опстојување во државата. Од тие причини ќе ги осмислиме целосно процесите за кадровско менаџирање на партијата.
Процесот на планирање на човечките ресурси треба да се однесува најмалку на 4 години, со цел да се обезбеди континуитет при премин од едно во друго партиско раководство, како и да се направи оптимално искористување на целиот кадровски потенцијал со кој располага партијата. Тој треба да ги опфаќа следните чекори:
- утврдување на идните потреби од носители на функции (како во партијата, така и кандидати за носители на јавни функции)
- определување на расположливиот човечки потенцијал
- скенирање на екстерното опкружување со човечки потенцијал
- изработка на план за обезбедување на потребниот човечки потенцијал
- следење, евалуација и менување на планот
Процесот на привлекување на кадри треба соодветно да биде долгорочен и континуирано да се прави во насока на реализирањето на планот за обезбедување на потребниот човечки потенцијал. На пример, еден 4 годишен план со сигурност ќе опфати барем еден циклус парламентарни избори и еден циклус локални избори. Партијата треба да е подготвена за настап на овие избори, пред се со соодветни кадри кои ќе ги кандидира, односно да има идентификувано можни кандидати за пратеници за парламентарните избори и околу можни кандидати за градоначалници и советници за локалните избори. Со цел да се избегне дуплирање на носителите на функциите планот ќе опфаќа регрутирање на различни луѓе за различни позиции. Иако при ваков начин на деакумулација на функции партиите може да се соочиме со недостаток на интерни кадри, со добро планирање може соодветните луѓе да се регрутираат за членови на партијата и на таков начин да станат дел од интерната понуда, или пак да им се понуди потребната обука и сепак да останат дел од екстерната понуда. Притоа треба да имаат во предвид некоја од теориите за мотивација, како што е на пример Теоријата на Маслов[1] или уште позната како Теорија за хиерархија на потребите, посебно имајќи предвид дека мотивацијата е таа која ќе ги привлече кандидатите кон одредена партија или ќе ги движи да работат.
Процесот за избор (селекција) на кандидатите ќе се прави врз основа на што повеќе издефинирани критериуми, со цел да се намали субјективноста на донесувачите на одлуките, но не и премногу ригидни, со цел да не ги обесхрабрат можните погодни кандидати. Соодветно на тоа ќе треба да осмислиме:
- прецизни, применливи и проверливи критериуми според кои ќе се врши селекцијата на кандидатите и компарацијата помеѓу пријавените кандидати;
- проценка за подготвеноста на секој кандидат за успешно извршување на функцијата;
- проценка за местото на кое секој кандидат најмногу може да ги исползува своето знаење, умешност и вештини;
- методи и техники, како и овластен орган кој ќе ја спроведува селекцијата
Посебно значајно во делот на селекција на кандидати е да партијата има воспоставен процес на селекција, кој ќе биде добро познат како на членовите така и на општата јавност. Имено потребно е да се воспостави пракса на селектирање на кандидати, која ќе вклучува кој за која позиција одлучува, во каков консултативен процес, колкав е минимумот на кандидати меѓу кои ќе се одлучува и слично. Вака добро дефиниран пристап кон селекцијата, а и кон претходните процеси на планирање и регрутација ќе ни овозможи да привлечеме повеќе кандидати, а со самото тоа да направиме и подобрат избор на кадрите потребни за одредена позиција.
Основата на системот на кадровското планирање и селекција е создавањето на единствена компетентна кадровска база на членови и подржувачи, која постојано ќе се надоградува и во која објективниот придонес на секого ќе биде вреднуван и оценуван. Во оваа база ќе се водат детални податоци за типот на образованието, знаења, вештини, искуства, способности, сертифицирани обуки, категорија вработен или невработен, како и лични барања од партијата.
Во делот на обука на потребни кадри треба да водиме сериозна сметка за тоа каков тип на знаење или вештини им недостасува на нашите кадри. Имајќи во предвид дека развојот на сопствените кадри не секогаш е во фокусот на интересот, партијата треба да има долгорочен план на кој начин ќе ја прави таа надградба на кадрите. Со цел да се надминат финансиските недостатоците, партијата може да се потпре на веќе постоечките изградени кадри, кои можат преку едукации или на принцип на менторство да го пренесат своето знаење на понеискусните колеги. Се разбира за да постои мотивација за посветеност во менторството тоа треба и соодветно да се наградува. Можеби најуспешен начин на креирање на едуцирани кадри е преку организирање на редовни обуки за политичките подмладоци, бидејќи тоа претставува долгорочна инвестиција на партијата. Имање на сериозен пристап и кон претходните три фази на процесот на менаџирање на човечки ресурси (планирање, регрутација и селекција) го олеснува процесот на обука, бидејќи на таков начин ќе можеме навремено да ги испланираме, подготвиме и спроведеме обуките кои ќе им бидат потребни за да нашите кадри бидат поуспешни. Притоа тука не се мисли само на иделошките обуки за кои веќе зборував, туку и на стручни обуки од типот лобирање и застапување, јавен настап и јавно говорење, креирање политики и слично.
За реализација на сите овие фази од процесот на менаџирање на човечки ресурси моѓеби ќе треба да имаме лице или лица (во форма на орган или поинаку) кои ќе бидат задолжени за водење на процесот на менаџмент на човечки ресурси. Тие ќе треба да бидат во тесна соработка со највисокото раководство на партијата, со цел да бидат навремено запознаени со измените во плановите и стратегиите на партијата за да можат соодветно да го прилагот и планот за менаџирање на човечките ресурси. Тука ќе може активно да се вклучи и Центарот за истражувања и анализа (ЦИА), кој е веќе формиран во партијата и досега се користеше за спроведување на анкети и креирање на анализи. Таа негова улога се разбира ќе треба да остане, но и да се зајакне и усоврши. Како надополнување на ваквиот начин на функционирање ќе се зајакне и реструктурира и Прогрес Институтот како традиционален партнер на СДСМ.
Со ваквото организациско поставување на СДСМ ќе постигнеме неколку работи:
- ќе дојде до децентрализација и јасно позиционирање на надлежностите и одговорноста.
- ќе воспоставиме систем кој ќе обезбеди подобра фокусираност на партиските активностите
- ќе овозможиме поголема мотивираност и вклучување на нашите членови во партиските активности.
- ќе воспоставиме подобро запознавање и комуникација во рамки на партијата и со гласачкото тело.
- ќе воспоставиме систем што ќе овозможи мерливост на резултатите на сите нивоа. Тоа ќе може да биде основа за напредување во партиската хиерархија врз основа на постигнатите резултати.
- ќе имаме организациска поставеност на работата на партијата што ќе биде максимално флексибилна и пред избори многу брзо и лесно ќе може да се трансформира од редовно во штапско работење. Всушност, и во период кога нема избори, во поглед на оперативните и теренските активности, со суштински зголемената оперативност, партијата ќе биде во зоната на неформално штапско работење.
Финансирањето на партијата е јасно определно согласно статутот на партијата кој ги дава и рамките на можни извори на финансирање. Исто така законот е многу јасен во поглед на тоа што се се смета за легално финансирање на партијата. Оваа е значајно прашање за успешно функционирање на партијата, обезбедувањето на доволно финансиски средства за достоинствено функционирање на партијата претставува крупен предизвик за кој мораме да бидеме сите свесни. Тешките услови за живот не даваат можност дури ни за скромно обезбедување на членарина од сите наши членови, а исти се и причините за недоволна помош и поддршка од бизнис секторот. Парите кои стигнуваат од буџетот на државата на годишно ниво не се доволно, а месечните издатоци за административно функционирање на партијата во поглед на обезбедување на плата на вработените како и плаќање на месечните сметки се големи за партија како што е и како што има намера во иднина да биде СДСМ. Согласно искуството кое го имаме во партијата убеден сум дека традиционалните извори на финансирање можеме да ги обезбедиме и дополнително мотивираме па заедно со одредени мали рационализации на расходите да ја затвориме месечната и годишната финансиска конструкција на партијата.
4. Општествено делување
Крајна цел во моето водење на партијата ќе биде да за четири години ние бидеме во позиција да формираме Влада и да ги реализираме нашите политики на државно ниво. И тоа не било каква Влада, туку влада водена од мисија. Влада водена од мисија е концепт каде што јавните институции и органи на власта работат со јасна, дефинирана мисија која ги насочува нивните активности и политики. Оваа мисија обично се фокусира на остварување на долгорочни цели кои се од важност за општеството како целина, како што се одржлив развој, социјална правда, економски просперитет и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Владата водена од мисија се стреми да биде проактивна, ориентирана кон резултати и одговорна пред граѓаните.
Еве неколку клучни карактеристики и чекори за успешна Влада водена од мисија, каква што ја гледам идната Влада на СДСМ:
- Јасна и дефинирана мисија:
Стратегиски цели: Владиниот мандат и политиките се насочени кон исполнување на долгорочни и стратешки цели кои се од важност за општеството.
Вредности и принципи: Водечките социјалдемократски принципи и вредности се јасно дефинирани и вградени во сите аспекти на владините активности.
- Фокус на резултати:
Мерливи цели: Поставување јасни и мерливи цели кои се редовно мониторирани и евалуирани.
Индикатори за реализација: Употреба на клучни индикатори за мерење на напредокот кон постигнување на мисијата.
- Инклузивност и транспарентност:
Вклучување на граѓаните: Активно вклучување на граѓаните и заинтересираните страни во процесот на креирање и спроведување на политиките.
Отвореност и отчетност: Обезбедување на транспарентност и отчетност преку редовно објавување на информации и резултати.
- Интердисциплинарен пристап:
Соработка и координација: Координација помеѓу различни министерства, агенции и институции за постигнување на заедничките цели.
Интердисциплинарни тимови: Вклучување на експерти од различни области за да се обезбеди сеопфатен пристап кон решавање на комплексните предизвици.
За да стигнеме до ваков тип на Влада ќе треба во наредните четири години да ги поминеме следните чекори:
- Дефинирање на мисијата:
Партиципативен процес: Вклучување на членовите, граѓаните, невладините организации, експерти и приватниот сектор во процесот на дефинирање на мисијата.
Консензус и посветеност: Осигурување на консензус и посветеност на сите засегнати страни кон заедничката мисија.
- Развој на стратегија:
Стратешко планирање: Развивање на долгорочен план со јасни цели, приоритети и временски рамки.
Распределба на ресурси: Обезбедување на потребните ресурси, финансиски и човечки, за постигнување на мисијата.
- Имплементација и извршување:
Акциски планови: Развивање на детални акциски планови за спроведување на стратегијата.
Комуникација и едукација: Информирање и едукација на јавноста за мисијата и планираните активности.
- Мониторинг и евалуација:
Континуирано следење: Воспоставување на системи за континуирано следење и евалуација на напредокот.
Адаптација и подобрување: Способност за адаптирање на стратегиите и плановите врз основа на добиените резултати и фидбек.
- Отчетност и транспарентност:
Редовно известување: Објавување на редовни извештаи за напредокот и постигнатите резултати.
Фидбек механизми: Воспоставување на механизми за собирање и одговор на повратните информации од граѓаните и другите заинтересирани страни.
Владата водена од мисија бара силно лидерство, јасна визија и посветеност на општествените вредности и цели. Со овој пристап, сметам дека можеме поефективно да одговориме на предизвиците и потребите на своите граѓани и да постигнеме долгорочен и одржлив напредок.
Се разбира за да можеме се ова да го постигнеме, покрај соодветото екипирање и структурно обновување на партијата, ќе треба да вложиме и многу труд и енергија во активности и континуирано работење. Оттука, ќе треба посветено да се следи работењето на сегашната Влада и да се изнаоѓаат издржани аргументи за разобличување на нивните скриени намери, како и да се нудат нови и подобри решенија за сите граѓани.
Основните цели на една ваква социјалдемократската влада ќе бидат да обезбеди високо ниво на благосостојба за сите граѓани, да промовира еднаквост и праведност и да осигура економска стабилност и раст, како и еднаквост пред законите и нормите, фер шанса за пристап до работа, пристојна и поголема плата и пензија, баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот.
Понудата на економска програма со јасно изразени социјалдемократски вредности и социјалдемократски принципи ќе биде еден од начините преку кои ќе го постигнеме ова. Проектите со кои ќе се претставуваме пред граѓаните, политиките на државен интервенционизам со стимулации и поттикнувања ќе бидат насочени или условени секогаш со заштита на правата на работниците, отворање на нови работни места и унапредување на правата на вработените. Наша и на никој друг освен на СДСМ е обврската за рамномерна распеделба и редистрибуција на националното богатство и доход. Мораме да покажеме на дело конкретни чекори кон враќање на средниот слој во државата и постепено укинување на огромниот јаз помеѓу многу богатите и сиромашните граѓани.
Со конкретни политики, мерки, чекори и јасни ставови ќе демонстрираме битка против криминалот и корупцијата без било каков протекционизам. Само така јавноста ќе биде уверена во нашите намери за искрена борба против оваа големо зло присутно во нашето општество. Свесни сме дека и како опозиција имаме важна улога во битката против корупцијата. Ќе продолжиме да бидеме редовен и ревносен контролор на власта.
Ќе се залагаме за модерно европско здравство. Пациентот е тој кој плаќа здравствено осигурување и одлука на пациентот ќе биде каде фондот ќе ги троши средствата од здравственото осигурување.
Ќе се залагаме за практично, аналитично и модерно образование. Образование кое гради слободни и силни индивидуи, но со чувство на одговорност кон заедницата. Цел ќе ни биде поттикнување на средното стручно образование, отворање на кариерни центри и поттикнување на младите за кариери кои обезбедуваат финасиска егзистенција веднаш по завршувањето на средното образование. Високото образование мораме да го вратиме на достоинствено ниво од сите аспекти.
Потребна е комплетна реформа на судството. Не можеме да очекуваме дека ќе го унапредиме квалитетот на живот во Македонија ако не направиме крупен исчекор во македонското судство. Департизацијата во судството е насушна потреба на нашава земја и мораме да бидеме доволни храбри за она што сите го очекуваат од СДСМ како чекор насочен во судството.
Јавната администрација треба да се реорганизира и да се направи поефикасна, односно да стане вистински сервис на граѓаните. Треба да се најде начин вистинските професионалци да дојдат до израз и да се вреднува нивниот труд. Да се реорганизира да ги решава вистински проблемите на граѓаните, навремено, професионално и ефикасно.
Истиот начин на работење ќе биде пресликан и на локално ниво, во пресрет на локалните избори наредна година. За секоја општина ќе се креира платформа водена од мисија, соодветно специфична за потребите на секоја општина, но и со заеднички темели базирани на социјалдемократските вредности. Мисија која ќе биде заедничка за сите наши кандидати на претстојните избори и на која ќе се започне со работа веднаш по формирањето на целата структура на партијата.
5. Градење коалиции – клуч за градење на политичка стабилност и ефективност
Во современите демократии, градењето коалиции е суштински елемент за обезбедување политичка стабилност и ефективно управување. Особено во системите со пропорционална претставеност или каде што ниту една политичка партија не може да обезбеди апсолутно мнозинство, коалициите играат клучна улога во формирањето на владите и спроведувањето на политиките. Процесот на градење на коалиции треба да биде инклузивен, вклучувајќи ги сите релевантни засегнати страни, вклучувајќи ги и малцинските групи.
Сите активности предвидени во насока на реформирање и модернизирање на СДСМ не би го имале вистинскиот ефект доколку не успееме успешно да ги прикажеме на македонската јавност и на нашите членови, симпатизери, сегашни и идни гласачи. За таа цел, потребно е градење на широка концепција за воспоставување на односи и комуникација со сите тие важни сегменти: новинарите и медиумите, невладиниот и цивилниот сектор, нашите членови и гласачи.
Meѓуетничките основи се столб на македонската внатрешна стабилност и еден од критериумите за влез во ЕУ и НАТО. СДСМ треба да има политика на принципиелни, отворени и идентични односи кон партиите на етничките албанци и другите заедници и врз база на јакнење на својата доверба и углед во јавноста да го димензионира односот кон овие партии и партнерството со нив.
Оттука една од основните задачи на новите раководства на централно и локално ниво ќе биде идентификување на сродни општествени чинители (синдикати, здруженија на граѓани, индивидуалци). Тука мислам како на подобрување на соработката со традиционалните меѓународни партнери на СДСМ (НДИ, ИРИ, Фондација Фридрих Еберт, Олаф Палме Фондација, Калеви Сорса Фондација, Вестминстер Фондација), така и на традиционалните локални партнери.
Покрај тоа, коалиции ќе се градат и со други политички партии и тоа базирано на следните принципи:
- Дефинирање на приоритети: Вклучува дефинирање на краткорочни и долгорочни приоритети кои се согласни за сите партиципирачки партии.
- Консензусно донесување одлуки: Донесување на одлуки преку консензус може да помогне во одржување на единството внатре во коалицијата.
- Јасни критериуми за распределба: Дефинирање на јасни и транспарентни критериуми за распределба на улогите и функциите.
- Транспарентност кон јавноста: Обезбедување транспарентност пред јавноста за да се задржи довербата и поддршката.
- Одржливост: Осигурување дека коалицијата може да одржи стабилност и ефикасност на долг рок.
- Континуирано оценување и подобрување: Редовно оценување на перформансите на коалицијата и прилагодување на стратегиите за подобрување.
- Флексибилност: Способноста да се биде флексибилен и да се прилагодат позициите е важна за одржување на добри односи меѓу коалиционите партнери.
Само врз основа на вака креирани заеднички коалиции ќе можеме да пристапиме кон креирање на заеднички политики, кои ќе помогнат во решавање на долгорочните наталожени проблеми во нашето општество.
6. Меѓународна соработка
Социјалдемократската меѓународна соработка игра клучна улога во промовирање на мир, социјална правда и одржлив развој на глобално ниво. Социјалдемократските партии и организации активно работат на зајакнување на меѓународната соработка преку различни форуми, алијанси и иницијативи кои ги рефлектираат нивните вредности и принципи.
Нашата партија треба да ја продолжи веќе воспоставената добра соработка во рамките на своето членство во носечките две организации на меѓународно ниво:
- Социјалистичка интернационала (SI): Глобална организација која ги обединува социјалдемократските, социјалистичките и работничките партии. Работи на промоција на социјалдемократските вредности и политики на меѓународно ниво.
- Партијата на европските социјалисти (PES): Координира социјалдемократските партии во Европа и промовира заеднички политики и стратегии на ниво на Европската унија.
Цели на меѓународната соработка на СДСМ во наредните четири години предлагам да бидат:
- Европска интеграција:
СДСМ има силен фокус на интеграција на Северна Македонија во Европската унија. Ова вклучува поддршка за реформи кои се неопходни за приближување на земјата до ЕУ стандардите и критериумите.
- Регионална стабилност и соработка:
Промоција на добрососедски односи и регионална соработка на Балканот. СДСМ работи на зајакнување на билатералните и мултилатералните односи со соседните земји.
- Поддршка за демократски и социјални реформи:
Ангажирање во меѓународни форуми за промоција на демократските вредности, човековите права и социјалната правда. СДСМ соработува со меѓународни организации за поддршка на реформите во правосудството, јавната администрација и други клучни сектори.
- Економски развој и инвестиции:
Промовирање на странски инвестиции и економска соработка за поддршка на економскиот развој на Северна Македонија. СДСМ работи на подобрување на деловната клима и привлекување на инвеститори преку меѓународни партнерства.
Овие цели ќе ги остваруваме преку наше редовно присуство на меѓународните настани, како и организирање на барем еден меѓународен настан кај нас во текот на наредните четири години. Ќе се залагаме за формирање на лоби групи за поддршка на СДСМ во рамките на овие две организации. Едновремено ќе ги поддржуваме и меѓународните активности на СДММ и ФЖ, како комплементарен дел од нашето меѓународно искуство.
Меѓународната соработка на СДСМ е клучен елемент за постигнување на националните цели на Северна Македонија и за промоција на социјалдемократските вредности на глобално ниво. Преку активна соработка со меѓународни организации, билатерални партнерства и учество во меѓународни форуми, СДСМ успева да придонесе за политичката стабилност, економскиот развој и интеграцијата на земјата во меѓународните институции. Со континуирано зајакнување на меѓународните односи, СДСМ може да обезбеди долгорочна поддршка за своите политики и да промовира подобра иднина за сите граѓани на Северна Македонија.
За таа цел, улогата на меѓународниот секретар на СДСМ ќе се подигне на повисоко оперативно и политичко ниво. Меѓународниот секретар ќе има свој тим и целосна техничко-оперативна поддршка. Тој/таа ќе биде “амбасадор“ на СДСМ пред меѓународната заедница.
Во краток период по изборот, преку интензивна комуникација со општинските организации и раководството на партијата, вклучително и главните координатори по изборни единици, ќе биде направен акционен план за реализација на сите активности предвидени со оваа Програма. Тој акционен план ќе служи како ефикасна основа за следење на извршувањето на активностите, но ќе биде и показател за оценка на индивидуалниот ангажман на секој носител на активности од Програмата. Ќе имаме многу работа, но ќе ги засукаме ракавите и ќе успееме, за доброто на сите граѓани на Република Северна Македонија.