Соопштение за јавност
Кандидатот за Градоначалник за Скопје вчера во промотивниот штаб на присутните им ги претставуваше новите сообраќајни решенија за главниот град. Северен булеварски прстен, централни магистрали, мостови, тунели и нови булевари беа прикажани на видео презентацијата и дискутирани со присутните.
“Сакаме систематско решение. Сакаме коридори што ќе го поврзат градот, што ќе служат на сите подеднакво. Даваме приоритет на транзитните и градските магистрали.
Досегашниот автоцентричен дизајн на улиците целосно го отфрламе, бидејќи улицата не е само коловоз. Секоја идна улица, мост или булевар во Скопје ќе има задолжителен хуманизиран и безбеден простор за пешаци, велосипедисти и јавен превоз. “ изјави Шилегов посочувајќи на чекорите запишани во изборната програма кои се однесуваат на сообраќајот и животната средина и загадувањето.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, од СДСМ Петре Шилегов во текот на шеснаесеттиот ден од кампањата за локални избори 2017 (13-ти октомври), го посвети на заложбите за зелено Скопје.
Исто така, вчера во Собранието на РМ, Шилегов се потпиша за законот за урбано зеленило.
„Како пратеник се потпишав под законот за урбано зеленило со што ги удираме темелите на заштитата на урбаното зеленило. Минатата власт неколку пати го блокираше овој закон за да може да сече паркови и дрвореди каде сака низ Скопје, а овој закон ја ликвидира таа можност за сите идни власти. Законот ќе обезбеди ефикасна заштита на постојното зеленило, со забрана за сечење на старите дрвја и задолжителна изработка на зелен катастар. Како Градоначалник на Скопје се обврзувам да ги спроведувам сите обврски кои произлегуваат од овој закон и да го унапредувам урбаното зеленило на секој можен начин“, потенцираше Шилегов.
Исто така, тој вчера ја потпиша платформата на Граѓанската иницијатива „О2 Коалиција“.
„Ги здруживме силите во борбата во Скопје да имаме чиста животна средина, чист воздух и чиста вода за пиење. Со Граѓанската иницијатива „О2 Коалиција“ постигнавме согласност за одредени мерки, кои што ќе мора да се спроведат во борбата за чист воздух и здрава животна средина. Нашите граѓани предолго време беа жртви на негрижата на Коце Трајановски и на Никола Груевски, поради што со години се гушевме во смог и чад, го изгубивме зеленилото. Затоа ве повикувам на 15 октомври масовно да излеземе на гласање и одлучно да се спротивставиме на досегашната негрижа и загрозувањето на нашето и здравјето на нашите деца“, истакна Шилегов.
Шилегов, беше дел и од дебатата на телевизија Телма, каде требаше да ги презентира проектите од својата програма и да се соочи со противкандидатот, кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, но тој не се појави на дебатата.
Денеска, на ден пред изборниот молк, Петре Шилегов ќе потпише меморандум за соработка со иницијативата #НаТочак.
Шилегов, ќе гостува на дебатата на МТВ1 и на дебатата на телевизија ТВ21, а ќе оствари средби и со жителите на Карпош.