Комисијата за образование, наука и спорт, како и министерката Јаневска, не го прифатија предлог за јавна расправа по сите Закони кои беа ставени на дневен ред. Во новиот законски текст, во делот на ученичкото организирање, отсуствува Сојузот на средношколци кој ги обединува средношколците на едно национално ниво. Ова значи попречување на комуникацијата, попречување во претставувањето на средношколците низ официјално тело и застапувањето на интересите на средношколците на еден организиран начин. Ова води кон замолчување на средношколците, нивно попречување во јакнењето на заедничко организирано дејствување, рече пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната расправа во собранието.
-Со тоа ја исклучија јавноста и стручната фела да ги искажат своите мислења и аргументи во однос на овие законски решенија. И токму ова е сигнал за враќање на режим, оневозможување на развој на прогресивни идеи, сигнал на зачмаеност и оддалечување од она што се вистински човекови права, рече Николова.
Николова се осврна и фактот што спротивно на правната хиерархија се отстранети заштитните основи за дискриминација по родов идентитет и сексуална ориентација. Оваа терминологија која е усвоена и се применува години наназад сега наеднаш станува проблематична и се отстранува спротивно дури и на правната хиерархија.
-Ова Собрание има за задача да носи Закони кои ќе овозможат заштита на своите граѓани. Со законски измени како и со кратењето на буџетот за 50% во делот кој се однесува на специјализираните услуги кои треба да ги добијат жртвите од насилство, се дава јасен сигнал кон агресорите за тоа како институциите ќе го третираат проблемот за дискриминација по основ на родов идентитет и сексуалната ориентација, рече Николова.