Соопштение за јавност
Битиќи до Дурмиши : Дали Владата има намера да го одблокира социјалниот дијалог во интерес на работниците?
Економско-социјалниот совет, како форум во кој Владата, синдикатите и работодавачите треба да креираат одржливи политики за заштита на работниците и стабилност на пазарот на трудот, целосно е нефункционален. Социјалниот дијалог е парализиран, а прашањето за зголемувањето на минималната плата останува во ќорсокак. Владата, која формално претседава, практично се дистанцира од својата одговорност.
Синдикатите, а и дел од бизнисмените бараат зголемување на минималната плата до 500 евра, но се молчи и не се покажува никаков интерес за решавање на ова прашање. Како намерно да се одолговлекува социјалниот дијалог, додека економски индикатори покажуваат дека граѓаните се сè посиромашни.
Во јануари 2025 година индексот на трошоците на живот порасна за 4,9% во споредба со истиот период лани, индексот на цените на мало се зголеми за 5,2%. Вредноста на потрошувачката кошничка достигна 63.773 денари.
За покривање на основните животни трошоци денес се потребни 2,9 минимални плати, а Владата сè уште не го решава прашањето за зголемување на минималната плата.
Дополнителен проблем е кризата со репрезентативноста на Сојузот на синдикати, со што процесот на колективно договарање е целосно блокиран. За да се овозможи легитимно учество на синдикатите во преговорите, неопходно е формирање на Комисија што ќе ја потврди нивната репрезентативност.
Но, сè уште нема ништо конкретно.
Преговорите за раст на минималната плата се ставени во целосна неизвесност.
Состојбата не е случајна. Саботирањето на работата на Економско-социјалниот совет е дел од стратегијата за избегнување на директна одговорност за одлуките што Владата треба да ги донесе во интерес на работниците.
Затоа, барам јасен одговор: дали Владата има намера да го одблокира социјалниот дијалог и кога конечно Економско-социјалниот совет ќе почне да функционира согласно неговите законски надлежности?