Соопштение за јавност
Граѓаните и Република Македонија брзо ќе добијат стабилна Влада со полн легитимитет, што ќе ги заштити граѓанските и државните интереси!
Новата Влада ќе обезбеди квалитетен живот и развој на државата, наместо криминалите и изолацијата од досегашната власт, што ги загрозија егзистенцијата на луѓето и развојот на земјата.
Прво ќе биде избран новиот собраниски претседател, а потоа и новата Влада, согласно Деловникот, Уставот и законите.
Трајко Велјаноски и Ѓорге Иванов не смеат противуставно и противзаконски да ги блокираат демократските процеси. Тие се должни согласно Уставот и законите да овозможат мирен трансфер на власта.
Во Парламентот демократски е формирано парламентарно мнозинство од 67 пратеници, кои претставуваат околу 700.000 граѓани!
И во Македонија, како и секаде во светот, формираното парламентарно мнозинство е власт, бидејки тоа ја одразува мнозинската волја. А како и во секоја демократска земја во светот, и во Македонија, согласно Уставот и законите партиите по изборите имаат право да го формираат мнозинството кое што има должност да се обиде да ја формира новата Влада.
Со Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ никој не сака да коалицира. Оттука, нови и нови избори не се решение, туку туркање на граѓаните и Македонија во долга политичка криза со несогледливи последици по економијата и стабилноста.
ВМРО-ДПМНЕ има 51 пратеник во Собранието. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се веќе опозиција. Затоа, Велјаноски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Иванов, се должни итно да обезбедат здрав разум што е загрозен кај Груевски и фамилијата од стравот од промените.
Легитимна е мнозинската волја, а не криминалната волја на поединци! Секое попречување на мнозинската волја со насилство и разгорување тензии е дело против државните интереси!
Според мнозинската волја и Програмата на новата реформска Влада на унитарна Македонија, ќе има живот за сите, правда и правичност. Македонија ќе биде едно општество на еднакви граѓани со еднакви права и обврски, земја со среќни граѓани, со повисоки плати, со еднакви шанси за успех на сите.
Демократските процеси се незапирливи. Граѓаните ќе ја добијат новата реформска Влада за којашто гласаа на изборите.