Соопштение за јавност
Филипче: Вистински напредок во однос на правосудството и борбата со корупцијата може да се очекува само со интеграција во ЕУ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче е во посета на Брисел каде учествува на конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д „Вили Брант“ за проширување на ЕУ“, која се одржа во Брисел.
Во изјава за МИА, тој вели дека евроинтеграциите во моментов се целосно закочени за Македонија и тоа е резултат на незаинтересираноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„За жал, чувството кога седиме на вакви состаноци е една голема фрустрација. Гледаме како околните земји кажуваат и објаснуваат како напредуваат, гледаме што прави Албанија, со која што до пред некој месец водевме паралелно кон европскиот пат. Сега тие имаат конкретен план преговорите да ги завршат до Божиќ 2027 година и да станат земја членка на ЕУ до 2030 година. Гледате како една интензивна работа ја носи државата напред.“
Според него, Владата нема ниту идеја, ниту волја да направи конкретен чекор напред.
„За жал, ние сега не може да се пофалиме со ништо, ние сме заглавени во место. Оваа Влада ниту има идеја, ниту има желба да направи чекор напред во евроинтеграциите. Јасно е што треба да се направи – меѓународните договори мора да се почитуваат, меѓутоа слатките зборови на претставниците на Владата повеќе никој не им верува. На сите им е јасно дека Македонија не може да оди напред со оваа Влада – се нема никаква желба, ниту идеја, ниту план.“
Филипче предупреди дека времето не работи во корист на Македонија и дека секој ден заостанување зад регионот ја комплицира иднината.
„Колку повеќе време одминува и колку околните земји напредуваат, толку потешко ќе биде да ние фатиме чекор со нив во следниот период.“
СДСМ, како што рече, е подготвен да ја поддржи Владата во било која форма доколку дојде до напредок во преговарачката рамка, иако не верува дека актуелната власт ќе го исполни ветувањето.
„СДСМ во секој еден момент, во било која форма која Владата ќе ја постигне согласно нивното ветување, коешто гледаме дека очигледно ќе биде едно од ветувањата коишто нема да ги исполнат, а тоа е во подобрувањата на преговарачката позиција со ЕУ – дека ние ќе го поддржиме тој план.“ – рече Филипче.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека вистинскиот напредок на државата во сите сфери и особено во делот на правосдуството и борбата со корупцијата може да се очекуваат само со интеграција на државата во ЕУ.
„СДСМ ќе биде секогаш тука да ги поддржи сите процеси коишто значат развој на земјата, коишто значат подобар и поквалитетен живот на нашите граѓани. Ние може да разговараме за некакви ад хок решенија, меѓутоа сите тие решенија се краткотрајни. Вистинскиот напредок, вистинскиот прогрес, вистинските резултати – тоа што граѓаните сакаат да го видат – се темелат на зајакнување на правосудството, на подигнување на стандардот, а со тоа и почеток на сериозна борба на корупцијата во нашата земја, зајакнување на социјалата, образованието и здравството. Впрочем, тоа се барањата на граѓаните, а тоа може да се направи само, исклучиво преку процесот на евроинтеграција.“ – заклучи Филипче.