Филипче: Наместо милијарди евра ЕУ грантови, Владата трупа долгови
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати жестока критика кон актуелната Влада по најавата за ново задолжување преку заем од 6 милијарди евра. Според него, ваквите потези се не само економски сомнителни, туку и политички антиевропски.
„Би кажал дека, за жал, може да констатираме – имајќи го предвид тоа и вториот дел за заемот, не за стратешкиот договор со Велика Британија, којшто ќе повторам го поддржуваме – но ваков начин на заем, за вакви проекти, дефинитивно ја бележат оваа Влада како антиевропска“, изјави Филипче.
Тој потенцираше дека не е изненаден од ваквите постапки, но дека јавноста има право да знае како точно се утврдуваат приоритетите за капитални инвестиции. „Не дека не знаевме и од другите постапки и од тоа што се случуваше досега, меѓутоа наеднаш земаме огромен кредит за брза пруга север-југ којашто, да, потребна ѝ е на земјата, но се поставува прашањето – како стана приоритет?“
Филипче посочи дека геостратешката позиција на Македонија бара развој на два транспортни правци – коридорот 10 (север-југ) и коридорот 8 (исток-запад), но Владата, според него, ја игнорира балансираната стратегија. „Суштината на железничкото поврзување и нашата геостратешка позиција на Македонија како земја е во тоа што ние сме крстосница и суштината е да се развиваат двата коридори – и 10 и 8. За жал, коридорот 8 којшто, за разлика од 10, оди од исток на запад и не спојува и со Црното и со Јадранското Море – Владата тој проект го откажа. Значи се става акцент само на еден коридор.“
Потоа, отвори и потенцијално геополитичко прашање: „Се поставува прашањето – дали има интереси на некоја друга земја тоа да се прави на тој начин кај нас?“
Оној што, според Филипче, е суштински проблем, е дека државата се задолжува со милијарди евра за инфраструктурни проекти кои во Европската Унија се решаваат со неповратни средства. „Да се зимаат толкави кредити, притоа да се блокира европскиот пат, е некоректно и не патриотски“, изјави тој. „Се задолжуваат следни кој знае колку генерации да враќаат милијарди евра за инфраструктурни проекти.“
Тој понуди конкретни примери од земји членки на ЕУ. „Хрватска, во 2022 година, Европската Комисија и Хрватска потпишаа партнерски договор кој ќе овозможи на Хрватска да користи 9 милијарди евра грантови – значи неповратни средства – од фондовите на ЕУ до 2027 година.“ Притоа посочи дека значителен дел од овие средства биле насочени кон обновување на транспортната мрежа, додека: „во следните 10 години ќе се инвестираат 4,5 милијарди евра за обновување на дури 750 километри пруга. Значаен дел од овие средства ќе бидат грантови, значи неповратни средства – гратис, кој што никој нема да ги враќа од Европската Унија“.
Филипче заклучи дека вистинската проевропска политика не е задолжување кај, туку обезбедување поволни и неповратни средства преку европските механизми. „Ете така се работи патриотски и така се сака државата – кога има поволни опции, кога има добри опции да државата расте, се развива, се посега. А не со кредити со коишто задолжуваме генерации и генерации да враќаат огромни суми пари, камати, кредити коишто го ограничуваат фискалниот простор и кој што апсолутно нема да дадат можност да се прават други капитални проекти во нашата земја.“ – заклучи Филипче.