Соопштение за јавност
Ќе го намалиме бројот на предмети во училиштата.
Ќе ги ослободиме учениците во основните и средите училишта од оптовареноста со наставни содржини.
Сега учениците па и наставниците се преоптоварени со обемен фонд на училишни часови.
Учениците нема како што е сега, по седум, осум часа да седат во училишните клупи и сепак да не ги добиваат потребните квалитетни знаења поради натрупаните наставни програми.
Ќе го намалиме и бројот на ученици во паралелка, од просекот на сегашните 34, на паралелки со просечен број од 25 ученици, со цел да обезбедиме квалитетно образование.
Квалитетот на образованието ќе го обезбедиме со награди, а не со казни.
Затоа уште на првата владина седница, ќе го укинеме екстерното тестирање кое што служи само за притисок врз наставниците и создава стрес, вознемиреност и незадоволство кај учениците и нивните родители, а нема никакви позитивни резултати во подобрување на образовниот процес.
За да ги ослободиме децата од притисок по оценки во првите години од школувањето, оценувањето од 1 до 5 одделение ќе биде само описно.
Квалитетно државно образование е еден од нашите клучни приоритети. Затоа уште во првите шест месеци од мандатот ќе организираме јавна расправа и серија дебати со стручната јавност, вработените во образованите институции и граѓанскиот сектор за функционална промена на концептот на образование, преку примена на успешен образовен европски модел.
Затоа е потребна нова и одговорна Влада според мнозинската волја на граѓаните којашто ќе води реални политики во интерес на учениците и општо, граѓаните.
Од оваа година почнуваме да го создаваме животот што заедно го избравме!
Скопје, 17.02.2017
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА