Соопштение за јавност
Трајчулевски: Ребалансот носи сиромаштија за граѓаните а луксуз за власта
Владата уште еднаш покажа дека нема допир со реалноста. Денешниот ребаланс на Буџетот не е ништо друго освен јасен показател дека оваа власт не само што нема визија, туку и свесно се оддалечува од интересите на граѓаните. Она што требаше да биде алатка за подобар животен стандард и економски развој, се претвори во средство за партиско луксузирање и изборен маркетинг, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, на денешната собраниска седница за ребалансот на буџетот.
Тој потенцираше дека граѓаните заслужуваат буџет што ќе го олесни секојдневието, а не буџет кој ќе ги потценува – како гласачи што можат да се купат.
– Наместо развоен, добивме изборен буџет. Повторно нема средства за покачување на минималната плата, но затоа има обиди да се создадат синдикати и синдикални кошнички по мерка на Владата. Потценувањето на работниците, нивниот стандард и достоинство е отворено и грубо. Се фаворизираат одредени компании, додека други се оставени без пристап до субвенционирани кредити. Владата ги крие податоците за тоа кои фирми добиле државна поддршка, што е класична дисторзија на пазарот и дискриминација, рече Трајчулевски.
Тој потенцираше дека дигиталната трансформација се претвори во дигитална стагнација, а министерствата се користат како алатки за авантуризам и политичко самопромовирање.
– Власта продолжува со неконтролирано задолжување – државата оди кон должничко ропство, а буџетот е веќе пред дефицит од најмалку 500 милиони евра до крајот на годината. Нема одговор на прашањето дали ќе се позајмуваат средства или ќе се продаваат јавни добра, потенцираше пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски.
Тој посочи и дека, дополнително, со овој ребаланс Владата ги одби и амандманите за настраданите и повредените во пожарот во Кочани, кои ги предложи СДСМ.
– Наместо поддршка и солидарност, тие добија молк и рамнодушност. Овие луѓе денес имаат потреба само од човечки пристап и искрена поддршка, но за жал, ДПМНЕ не покажа ништо од ова. Овој ребаланс не е алатка за развој, тој е потврда на немоќ, безидејност и партиска злоупотреба на државните ресурси, рече Трајчулевски.