Соопштение за јавност
Талески: За една година владеење ВМРО-ДПМНЕ ја загрози иднината и ја врати државата цела деценија назад
На денешната собраниска седница, пратеникот од СДСМ, Миле Талески, упати жестока критика до владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ по повод ребалансот на буџетот, критикувајќи ги лошите економски политики, но и за погрешните политики на власта кои како што рече за само една година ја вратија државата цела деценија назад, како во времето на Никола Груевски, загрозувајќи ја нејзината иднина.
„Ова е ваш буџет, кој самите го подготвивте, и за кој сега предлагате ребаланс. Ниту буџетот што беше изгласан во декември покажа дека имате план и визија, ниту пак овој ребаланс покажува дека знаете како и што ќе направите во интерес на граѓаните. Тотално покажувате дека немате план и не знаете каде терате,“ истакна Талески.
Тој ја обвини Владата за економска неспособност и целосен аматеризам во спроведувањето на економските политики за што цената ја плаќаат граѓаните:
„Немате план, немате стратегија, не знаете што правите. Во исто време граѓаните осиромашуваат, цените се повисоки, платите не растат, нивната вредност опаѓа.“ рече Талески.
Талески се осврна и на влошувањето на меѓународната позиција на земјата, закочениот европски пат и негрижата на власта за македонските национални интереси
„Не се грижите ниту за јазикот, ниту за идентитетот, ни за достоинството на Македонија. Се грижите само за себе и вашите партиски интереси.“ рече Талески.
-Мислите дека Бугарија е проблемот, а всушност вие сакате да го бугаризирате македонскиот народ со тоа што не правите ништо за да го продолжиме европскиот интеграциски пат. Свесни ли сте дека токму поради вас, сè повеќе луѓе заминуваат, бараат бугарски пасоши и се изјаснуваат дека имаат бугарско потекло? Тоа не го прават зашто сакаат, туку зашто сакаат подобра иднина – бараат просперитет и европски вредности. А вие, наместо да понудите надеж, ги терате да бегаат, рече пратеникот на СДСМ.
Тој обвини дека на сите полиња државата уназадува.
Државната администрација е потполно партизирана и дека се спроведуваат притисоци за вработувања пред избори:
„Целата администрација е партизирана. Излегоа луѓето и сами кажаа – ваков наплив на партиски вработувања пред избори немало никогаш.“ рече Талески
Талески го потенцира и скандалот со директорот на АНБ, нарекувајќи го срам за државата:
„Имате криминал и измама од страна на директор на Агенцијата за национална безбедност во врска со неговата диплома за англиски јазик. Наместо да се засрамите и да се извините на македонската јавност, вие ги намалувате критериумите и во другите институции и во МВР.“ рече тој.
Безбедносната состојба, е драматично влошена, дециден е Талески, граѓаните не се чувствуваат безбедни:
„Македонските градови станаа див запад – се пука насекаде, има убиства речиси секој втор ден, се палат автомобили, се газат луѓе на пешачки патеки. Тоа е резултатот на ВМРО-ДПМНЕ“ рече пратеникот на СДСМ, Миле Талески.