Соопштение за јавност
Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, на првиот митинг на СДСМ и коалицијата за живот во Македонија синоќа во Крушево порача дека украдените пари ќе бидат вратени кај граѓаните.
„Некој ќе праша, од каде пари за новите институции, нови закони или за бесплатното болничко лекување. Сакам да бидам многу искрена и сакам да бидам многу отворена.
Парите ќе се најдат, и заради тоа што ќе ги вратиме украдените пари! Ќе ги вратиме украдените пари од и на Македонија! Ќе обезбедиме со тие пари 10 илјади евра за добрите безнис идеи на младите. Неповратни, а не кредити. Ќе им помогнеме на домашните фирми, да исплаќаат плата која ќе биде повисока од 16 илјади денари. Со тие пари, ќе обезбедиме просечната плата во Република Македонија да стигне до 30 илјади денари, за да може едно семејство да се прехрани и да обезбеди пристоен живот за своите“, рече меѓудругото Шекеринска во Крушево.
Заменик претседателката, Шекеринска пред полната сала го претстави Планот за живот во Македонија.