mchi

Интервјуа

Кирацовски: Наша одговорност се интересите на сите граѓани и заокружување на реформите

dbi

29.03.2018

Прашања за интерву за “Јавност” за Александар Кирацовски, генерален секретар на СДСМ и пратеник во Собранието на РМ

 

-Она што ја бранува домашната политичка сцена е Законот за јазици. Каде го гледате решението за актуелната состојба?

СДСМ цврсто верува во концептот едно општество за сите а овој закон е сериозен придонес кон градењето на тој концепт. Законот е целосно во согласност со Уставот а со унапредување на употреба на јазиците не губи никој. Македонија тргна напред како едн општество за сите и какви било деструкции не може да ја спречат. Наша одговороност се интересите на сите граѓани и заокружување на реформите.
Блокадите на Собранието и обидите да се закочат реформите не се во интерес на граѓаните, ниту на државата. Тоа не може да донесе ништо добро. Решението е едноставно. Наместо блокади и ширење поделби, опозициската ВРМО-ДПМНЕ треба да смогне сили и да ги надмине погубните политики на Никола Груевски. Тоа ќе биде во интерес на Република Македонија и на сите нејзини граѓани кои силно го поддржаа концептот на едно општество за сите. Фактот што токму ВМРО-ДПМНЕ претходно го прифати Законот за употреба на јазиците е доказ за лицемерието, за лажниот патриотизам и го демаскира обидот за блокада.

- Дали сте оптимист во однос на спорот со името?

Јас сум по природа оптимист и упорен човек. Можам да констатирам она што верувам дека јавноста го гледа и го препознава. Во досегашниот период, Владата предводена од СДСМ покажа дека може да ги решава отворените прашања на домашен и меѓународен план и тоа го прави преку еден транспарентен, инклузивен процес и во интерес на државата и нејзините граѓани. Проблемот што Грција го има со нашето уставно досега одзеде премногу време и енергија. Сега гледаме дека постои одредена позитивна клима да се разговара околу можно решение на еден достоинствен начин кој ги почитува граѓаните на двете земји. Се надевам дека таквиот искрен пристап, транспаретно и одговорно, ќе даде придонес кон изнаоѓање взаемно прифатливо решение коешто ќе биде во интерес на двете страни и коешто ќе го зачува нашето достоинство. Со тоа ќе се затвори уште едно отворено прашање коешто во изиминатите години неретко се злоупотребуваше и за теснопартиски цели.

- Како ги оценувате реформските процеси во Република Македонија, особено спроведувањето на реформите од планот 3-6-9 и можноста преку имплементација на реформските приоритети да се обезбеди позитивна препорака за почеток на преговорите за членство во Европската Унија?

Задоволство ми е да заклучам дека преку започнатиот реформскиот процес, Македонија конечно тргна напред. По 11 години изолација, поделби, партизирани институции, Македонија почна да се движи во добар правец преку реформскиот процес започнат од СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство. Институциите се професионализираат и се ослободуваат од политички притисоци, се воспоставува неселективност во владеењето на правото и правната држава. Секако, се уште постојат предизвици но како владејачко мнозинство остануваме силно посветени на процесот на реформи што обезбедуваат квалитетен живот за сите.

-Активни сте и на меѓународната политичка сцена. Во февруари бевте на традиционалниот молитвен појадок кај американскиот претседател Доналд Трамп, при што се сретнавте со повеќе конгресмени и в лијателни дипломати. Каква е поддршката на САД за Македонија?

САД се нашиот стратешки најзначаен партнер во меѓународните односи. Поддршката на САД кон Македонија е јасна е недвосмислена и е особено значајна во атланстските перспективи, но и општо во позиционирањето на Република Македонија во меѓународните односи. На средбите коишто ги имав за време на мојата посета на САД беше заеднички оценето значењето на добрите односи, и потенцирана важноста од продлабочување на соработката што е взаемен интерес на двете држави и нашите граѓани.

- По посетата на САД, но и по бројните средби со претставниците на ЕУ кои што ги имавте во последниот период, меѓу нив и со францускиот амбасадор Тимоние, како ги оценувате перспективите на Република Македонија во меѓународни рамки, со акцент на членството во НАТО и ЕУ?

Македонија и вредносно и цивилизациски припаѓа во Европската унија и во НАТО и тоа е истовремено најголемиот државен и национален интерес. Реформскиот процес што го започнавме повторно ги враќа евро-атлантските перспективи коишто со години беа затворени. Сите институции со сиот свој капацитет работат на спроведување на зацртаните реформи што обезбедуваат напредок во евроатлантските интеграции кои за крајна цел имаат полноправно членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО. Цврсто сум убеден дека таа цел ќе ја исполниме во целост.

-Политичките процеси неминовно секогаш влијаати врз економијата, позитивно или негативно. Неодамна најавивте осум нови инвестиции во Македонија?

Економските параметри секојдневно покажуваат дека економијата конечно се движи во добра насока. Растот на индустриското производство, падот на невработеноста, економскиот раст во последниот квартал од 2017 година, како и потпишаните договори со осум компании што носат инветиции од 73.5 милиони евра ја потврдуваат успешноста на економски политики на СДСМ. Секако тука е битно да се спомене и зголемената минимална плата што сега изнесува 12 000 денари за сите вработени, решавањето на проблемот со стечајните работници, зголемените и навремени субвенции како зголемената помош за пртепријатијата. Тоа се мерки што позитивно влијаат врз економијата, овозможуваат повеќе пари кај граѓаните и го унапредуваат животниот стандард на сите граѓани. Еве и последниот пример, пред неколку дена парламентарното мнозинство и покрај сите блокади, ги донесе измените на Законот за стечајците со што овозможивме материјално да бидат обезбедени дополнителни 2.000 лица, наши сограѓани, со месечен надоместок од 7.596 денари. Со оваа мерка се решава проблемот со статусот на околу 5.000 стечајни работници и тоа е уште една добра вест. Исправивме долгогодишна неправда кон овие наши сограѓани, кои не по своја вина останале без работа и долго време беа без никакви приходи.

-Со какви мерки ќе се поддржува македонската економија?

Пред се тоа се мерките од Планот за економски раст којшто се состои од три столба: мерки за општ економски развој, мерки за поддршка на конкурентноста и мерки за поддршка на мали и средни претпријатија кои се состојат од директна финансиска поддршка на фирмите, поволни бизнис – кредитни линии, грантови за нов бизнис, грантови за вработување. Преку овој План за економски раст како и преку Оперативниот план за мерки за вработување сериозно ќе се пристапи кон решавање на проблемот со невработеноста, кон отворање на нови и добро платени работни места. Со тоа, но и со севкупното раздвижување на економијата, претпријатијата ќе бидат мотивориани да вложуваат повеќе и со тоа директно ќе придонесуваат за што поголем економски раст. Она што е особено значајно е порастот на просечната нето плата која во Јануари оваа година, за прв пат досега изнесува 24.025 денари, што е 5,6 отсто повеќе во споредба со истиот месец од 2017 година кога таа изнесувала 22.750 денари. Ова е најголем раст на платите од 2010 година до денес. Економските мерки даваат резултат. Продолжуваме да работиме за подобар животен стандард, поголеми плати и повеќе пари кај граѓаните.

-Што можат да очекуваат граѓаните на Пелагонија од најавените инвестиции? За каков профил на инвеститори станува збор и каков профил на работен кадар ќе бараат истите?

Веќе е потпишан договор за првата конкретна инвестиција сместена во пелагонскиот регион, поточно во индустриската зона во Прилеп. Станува збор за германската компанија ВИК Груп којашто отвора фабрика за производство на мали електронски апарати за домаќинство во која во прв момент ќе можат да се вработат околу 60 лица од различен профил, а во иднина тој број ќе расте. Покрај ова, сериозно се инвестира и во инфраструктурата околу индустриската зона во Жабени, со што овој простор ќе стане уште поатрактивен за влез на нови инвестиции. Како што најави економскиот тим на Владата предводена од СДСМ, засилено се работи на привлекување на нови компании коишто ќе инвестираат во Македонија и во Пелагонија. Исто така, значајна инвестиција но и голем бенефит за граѓаните од Пелагонискиот регион која наскоро ќе го види светлото на денот, е патната инфраструктура која ќе биде обновена и модифицирана во автопатско решение на делницата Прилеп – Битола – Меџитлија.

-Со нови технологии со поддршка и на државата се настојува да се работи на решавање на загадувањето од РЕК Битола. Дали Владата планира и други мерки за намалување на аерозагадувањето како во Битола, така и во другите градови на Македонија?

Во неколкуте месеци владеење, СДСМ и преку централната и преку локалната власт покажа дека наместо декларативни заложби, системски се бори против проблемот со загадувањето. Преку краткорочни мерки веќе се влијаеше на намалување на загадувањето, а преку зацртаните среднорочни и долгорочни мерки со поддршка на Јапонската Влада заедно ќе ги реализираме, убеден сум дека Владата како и општините со кои раководи СДСМ преку системски решенија ќе стават крај на овој долгогодишен проблем.

-При последната посета на Универзитетот “Св.Климент Охридски” - Битола најавивте предлог закон за преместување на седиштето на Правниот факултет од Кичево во Битола, што беше поздравено од академската заедница. Каков бенефит ќе донесе ова и за факултетот и за студентите?

Најпрвин ќе се зголеми атрактивноста на самиот факултет, а понатаму ќе се воспостави систем на одржливост и долготрајност на факултетот. Правниот факултет со неговото сегашно седиште бележи негативен тренд на запишување студенти и префрлувањето на седиштето во Битола позитивно ќе влијае на бројот на запишани студенти. Понатаму, големиот број на институции во Битола, како Основниот и Апелациониот суд, Основното и Вишото Јавно Обвинителство, регистрираните адвокати и адвокатски друштва, извршителските и нотарските канцелариии, како и големиот број на приватни компании и невладини организации претставуваат дополнителна можност за развој како на факултетот, така и на студентите и на постдипломците.

-Веќе извесен период вршите висока функција во СДСМ, како Генерален секретар на партијата, покрај тоа грижејќи се и за финансиите. Каква е вашата визија за напредок на Македонија, а особено на Битола со оглед на тоа што сте битолчанец?

Битола ја гледам како модерен, урбан и развиен град во слободна демократска и развиена Македонија, полноправна членка на ЕУ и НАТО. Тоа е мојата визија и визијата на СДСМ и затоа секој чекор што го преземаме како владејачка партија во изминатите месеци е во насока на постигнување на тие цели. И Битола и Македонија мора да се градат како еднакво општество на еднакви граѓани кои делат еднакви вредности на мир, соработка и меѓусебно почитување. Само на тој начин Македонија ќе стане држава за пример, почитувана од останатиот современ свет.

 

 

 

 

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени