mchi

Прес центар

Шилегов: Зврлевски ќе биде разрешен и покрај обидите за блокада на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ

dbi

11.08.2017

Одговори на новинарски прашања,
Петре Шилегов, пратеник во Собрание на Република Македонија
Скопје, 11.08.2017

 

Медиуми: Има ли конкретни имиња кај вас кои би можеле да фигурираат како кандидати на следните локални избори, и дали во некои општини очекувате тесни битки, што се вели на секој еден глас?

Шилегов: Имињата кои што во моментот се вртат во јавноста, како можни кандидати за градоначалници на Социјалдемократскиот сојуз или коалицијата за претстојните локални избори се се уште во сферата на шпекулација, постапката е во тек и некаде очекуваме дека кон крајот на месецов ќе заврши и официјално ќе бидат претставени сите кандидати. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, имајќи предвид сето тоа што го сработивме само во изминативе два месеци откако ја формиравме Владата, станувањето на Македонија повторно на регионален лидер во односите помеѓу државите на Балканот, економските резултати и ребалансот на буџетот кои што ги остваривме, очекуваме по основ на тие резултати, со чиста совест, со дигната глава да ја побараме и да ја добиеме победата на локалните избори во повеќето од населените места во нашата држава.

Медиуми: Рековте дека однесувањето на опозицијата е обид да се блокира работата на Собранието, меѓутоа не гледаме дека Собранието е на некој начин одблокирано со тоа што ништо друго не се зборува освен репликите и контрарепликите на пратениците од опозицијата. Постои ли начин да се реши ова, освен да се чека на нивната добра волја да се откажат од репликите и контрарепликите?

Шилегов: Не станува збор за чекање на добра волја, станува збор за класична злоупотреба како што беше и во текот на конститутивната седница, на одредбите од Деловникот на Собранието. Доколку е целта на ВМРО-ДПМНЕ да направи целосна блокада на државата, граѓаните тоа ќе го ценат и проценат, и ќе го испорачаат на локалните избори. Се гледа кој во оваа држава ги блокира сите процеси и со каква цел. Единствената цел за блокадата е да се заштити криминалот на Никола Груевски и криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Нема поинакво образложение. Граѓаните ценат кој ја врши блокадата и какви се тие цели. И покрај таквата блокада, Марко Зврлевски ќе биде разрешен, правдата ќе ги стаса сите што треба да ги стаса. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе ја донесе минималната плата, ќе ја укинеме радиодифузната такса, ќе ја воведеме евтината струја, ќе донесеме закон за стечајните работници и најтешко загрозената група на граѓани, односно оние кои што имаат минимална плата, односно 35 илјади до 45 илјади граѓани во текот или при крајот на летото ќе ги испратиме на заслужен одмор кој што не можат да си го приуштат со своите примања, и граѓаните тоа ќе го видат. Блокадата со цел да се избегнат сторените криминали и невидениот историски грабеж што е направен на нашата држава нема да му помогне на ВМРО-ДПМНЕ. Таму имате луѓе што немаат политичка рационалност кога одлучуваат, бидејќи не одлучуваат по основ на здрав разум, туку по основ на себични причини, свесни дека следните дваесет или четириесет години треба да ги поминат во затвор.

Медиуми: Станува јасно дека во Кичево трката ќе биде етничка за општината. Дали е можна некаква соработка во оваа општина со ВМРО-ДПМНЕ?

Шилегов: Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги надмина етничките разлики на минатите парламентарни избори. За нас, во Македонија постои трка на концепти кои што се нудат на граѓани, не постои етнички концепт.

Медиуми: Зошто не се пратениците, Вашите колеги во салата, дали се стварно по плажите како што обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ?

Шилегов: На овој или на оној начин, секој од нас гледате дека е присутен во Собранието. Сите пратеници од владејачката коалиција, владејачкото мнозинство и добар дел од нив се овде присутни. Очигледен е бесот на ВМРО ДПМНЕ што половина пратеничка група им нема пасоши и очигледно е дека секој кој во моментот што нема да биде во салата се наоѓа на некоја плажа, жал ми е, но треба да се соочат со правдата. Нема пасош, нема одмор.

Медиуми: Можеби не е лошо за јавноста да кажете дали Собранието може да работи со толку број пратеници?

Шилегов: Не, Собранието мора да има кворум при носењето на одлуки за време на дебатата, пратениците не мора да бидат присутни во салата еве јас денеска сеуште не бев влезен во салата, меѓутоа гледавте дека сум тука, дека сум присутен, дека ја држам оваа прес конференција, дека ги следиме случувањата и внатре во салата. Искрено се надевам дека ВМРО ДПМНЕ конечно ќе надвладее здравиот политички разум ќе ги деблокираат процесите, не заради СДСМ, заради граѓаните на оваа држава. Ќе го разрешиме Марко Зврлевски затоа што таквото разрешување е законито и државата ќе може да оди напред со сите процеси. Доколку ВМРО ДПМНЕ ги задржи следните позиции тоа нив на крајот на денот ќе им се удри од главата.

 

 

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени