Филипче: ВМРО-ДПМНЕ го задолжи Прилеп, ги поскапе сметките на граѓаните и го остави градот во темница

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ го задолжи Прилеп, ги поскапе сметките на граѓаните и го остави градот во темница

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанска трибина во Прилеп, рече дека од локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите четири години градот бил доведен до финансиски колапс, зголемени трошоци за граѓаните и целосна запоставеност на инфраструктурата.

„Изборот во Прилеп никогаш не бил појасен и полесен. ВМРО-ДПМНЕ за четири години го уништи градот. Најголемо признание за хаосот кој го создадоа е фактот што не го кандидираат досегашниот градоначалник и сакаат да направат нова измама – сега нудејќи го Дејан Продановски. Продановски е човекот кој три години претседава со Советот на општината и е исто толку одговорен за хаосот во кој се наоѓа градот како и актуелниот градоначалник. Значи, истите луѓе ви ја бараат довербата, и оваа измама не смее да помине кај прилепчани”, порача д-р Филипче.

Тој потенцираше дека прилепчани четири години плаќаат цена за неспособноста и неодговорноста на локалната власт која направила буквално кражба од прилепчани преку организирано поскапување на сите услуги.

„Овие луѓе заедно ги правеле сите зулуми во Прилеп, заедно го задолжувале градот, ги качувале давачките и краделе од буџетот на општината. Јас сум во шок од бројките и фактите на нивното владеење. Замислете – за 67% се поскапени комуналните давачки за граѓаните, за 28% е поскапена водата за која ветуваа дека ќе ја намалат. Оваа ненародна власт направила буквално кражба од прилепчани преку организирано поскапување на сите услуги и правење сомнителни зделки со приходите,“ рече д-р Филипче.

Лидерот на СДСМ посочи дека градот е оставен во буквална темница, без основни услуги и со неостварени проекти, дури и кога парите биле обезбедени.

„Паркингот е поскапен исто така. Прилеп е, замислете, единствен град кој нема служба за зимско одржување и град кој ноќе е во темница. Каде се парите на граѓаните – тоа е прашањето кое треба да го одговорат. Неспособноста не завршува тука. Дури и доделените пари од Владата на СДСМ во висина од 90 милиони денари за изградба на фабрика за рециклирање отпад не успеале да ги реализираат – ништо немаат изградено,“ посочи д-р Филипче.

Тој нагласи дека секој прилепчанин треба да знае кој стои зад ваквите одлуки и кој е човекот што сега повторно ја бара довербата на граѓаните.

„Прилепчани треба да знаат дека на сите овие одлуки стои потписот на Дејан Продановски од ВМРО-ДПМНЕ – човекот кој сега ја бара вашата доверба. Јас ве прашувам: ќе дозволите ли нови четири години хаос и кражба од граѓаните?”, им порача д-р Филипче на присутните на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата, „Се бориме за нашиот дом”, која се одржа во Прилеп.