Соопштение за јавност
Филипче: Резолуцијата е прв документ за национален консензус за црвените линии
Резолуцијата што ја предлага СДСМ е обид за создавање национален консензус за најважните државни интереси во процесот на евроинтеграции, порача Венко Филипче во интервју за Канал 5.
Според Филипче, во резолуцијата се прецизираат црвените линии околу кои политичките партии треба да се обединат, а тие се: јазикот, идентитетот, културата, историјата – прашања за кои „никогаш ниту една влада не треба да преговара“.
„Во вториот дел јасно кажуваме што се нашите црвени линии. И тоа не го кажуваме првпат. Дополнително, истите се содржани и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Филипче.
Тој потсети дека слични декларации веќе се изгласани во Собранието и од власта и од опозицијата, и ја повика ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни искрено дали има реална загриженост за идни блокади или тоа е само изговор за да се избегне напредок.
Филипче нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ иако има значајно мнозинство во Собранието, досега не направила ништо конкретно за евроинтеграциите, што, како што вели, буди сомнеж во нивните вистински намери.
„Ако имаат 58 пратеници, за овие скоро две години, нешто требаше да направат. Не направија ништо. Не се ни обидоа“, потенцираше.
Дополнително, тој истакна дека оваа резолуција за првпат внесува временска рамка – уставните измени да се изгласаат до крајот на годината, а потоа да се отворат преговарачките поглавја со ЕУ.
„Овој концепт на резолуција е тоа што ќе се случи неминовно, порано или покасно“, рече Филипче.
Тој повика на политичка зрелост и надпартиска одговорност:
„Ајде да бидеме еднаш сериозна држава. Ајде да покажеме капацитет. Ајде да седнеме сите заедно и да спремиме наш документ, како секоја сериозна држава“, повика тој.
Во однос на гаранциите од ЕУ во случај на нови блокади, Филипче смета дека со писмо од државниот врв до европските лидери треба да се побара поддршка и вклученост од нивна страна:
„Не, тоа не значи замрзнување на преговорите. Тоа значи дека треба да се вклучи Европската Унија со малку поинаков концепт и да ни помогне“, објасни тој.
Како силен аргумент, Филипче го посочи променетиот став на некои западни земји како Данска и Франција, кои сега изразуваат отворена поддршка за проширувањето:
„Сите земји скептици до сега ја сменија стратегијата. Дајте да го искористиме моментот“, апелираше Филипче.
На крајот, тој порача дека ако конечно постои внатрешен консензус и национално единство, нема да има надворешна сила што ќе ја блокира земјата на патот кон ЕУ:
„Ако интензивно работиме на спроведувањето на реформите, никој не може да не запре. Никој, никогаш и од ниту една страна“, заклучи Филипче.