Соопштение за јавност
Каја Шукова, кандидатка за Градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, ја претстави својата визија за иднината на Вардариште како современа претоварна станица која ќе го поддржува целиот систем за управување со отпад во Скопскиот регион.
„Вардариште треба да остане претоварна станица, но таа мора да биде уредена по европски стандарди. Тоа не значи само претовар од помал камион во поголем – туку значи поставување на системи за селекција, третман и користење на отпадот. Само така овој простор ќе биде дел од модерниот и одржлив систем за управување со отпад,“ рече Шукова.
Според стратешките документи на државата, Вардариште е предвидено како регионална претоварна станица, а не како депонија. За тоа да се реализира, потребно е да се вложат значителни средства во инфраструктура, технологија и човечки капацитети.
Шукова потенцираше дека модерната претоварна станица треба да вклучува и соодветна опрема за селекција и намалување на отпадот уште на самиот објект. Претворањето на Вардариште во функционална, безбедна и технолошки опремена претоварна станица е клучен чекор за целосно решавање на проблемот со отпадот во Скопје и Скопскиот регион.
Шукова, истакна дека решението за управувањето со отпад мора да се гледа низ регионален пристап, со целосно вклучување на сите општини од Скопскиот регион и искористување на достапните европски фондови.
„Скопскиот регион треба да се финансира преку ИПА средства – тоа се европски пари. За да се пристапи кон нивно користење, мора да се изработи нова физибилити студија која ќе покаже како ќе се собира и третира отпадот во целиот Скопски регион, а не само во градот Скопје,“ изјави Шукова.
Северна Македонија има осум статистички региони кои не се административни, но се третираат како единици за спроведување на регионални стратегии. Во сите нив веќе се преземаат активности за управување со отпад, дел се финансираат преку ИПА фондовите, а дел преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Шукова нагласува дека и Скопскиот регион мора системски да се вклучи во овие процеси.