Соопштение за јавност
Каранфиловa-Пановска од Дебар: На 19 октомври да се обединиме за Македонија да го фати вистинскиот правец
Заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфиловa-Пановска на граѓанската средба „Се бориме за нашиот дом“ во Дебар ги повика граѓаните на 19 октомври, да гласаат за бројот 5, за обединување, за Македонија да го фати вистинскиот правец, бидејќи по година и половина со ДПМНЕ земјата оди во изолација, во поделби, а народот во сиромаштија.
„Македонија денес е втора најсиромашна земја во Европа според минимална плата. Сите економски параметри се лоши. Во изминативе 14 месеци над 1,8 милијарди евра нов долг има создадено оваа власт на грбот на народот, а највуваат уште 6 милијадри. Инфлацијата е 4%, повратот на ДДВ за фирмите доцни, над 700 милиони евра има државата долг кон фирмите кој не е вратен“, истакна Каранфиловa-Пановска.
Таа нагласи дека нема развој со вакви погрешни политики.
„Секој човек мисли што ќе однесе на трпезата дома, како ќе плати сметки, ова не е живот, ова е преживување. Младите се иселуваат, не затоа што не сакаат да живеат овде, туку затоа што државата им ја одзема надежта“, истакна Каранфиловa-Пановска, додавајќи дека токму затоа е важно во Советот на Дебар да има луѓе што ќе се борат за секој локален проект, за секој инвеститор, за секоја идеја што носи развој.
„Нашата борба за нашиот дом е борба и за заедништво, за општини коишто обединуваат, за Македонија што се гради со љубов, а не со поделби. Нашиот најголем адут на овие избори се чесните луѓе, нашите кандидати. Ние пред граѓаните изгледуваме со чесна понуда. Овде во Дебар тоа се нашите кандидати на советничката листа, кои ќе бидат вистински глас на народот на чело со Мухамед Имеровски!“, порача заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфиловa-Пановска во Дебар.