Соопштение за јавност
Филипче: ЕУ праќа јасни сигнали за проширување, но Владата стои во место
„Јасно е дека единствениот пат напред за земјава се европските интеграции“, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче на Националната конвенција за Европската Унија, оценувајќи дека најновиот извештај на Европската комисија е сериозен аларм за состојбата во која се наоѓа државата.
Филипче истакна дека Северна Македонија го добила најлошиот извештај во последните повеќе од десет години.
„Жалам што го добивме најлошиот извештај на Европската Комисија за нашата земја изминатите повеќе од деценија. Јасно е констатирано во извештајот дека изминатата година реформи нема. Мислам дека го кажав тоа и на претходниот состав на Националниот Совет – дека единствен полош извештај е 2015 година, кога сме оценети како заробена држава, но власта и сега го прави“, рече Филипче.
Во своето обраќање тој предупреди дека доколку продолжи актуелната политика на застој и одбивање на реформи, постои реален ризик државата да биде вратена назад во евроинтегративниот процес.
„Ако вака продолжиме, и тоа беше дел од дискусијата на Националниот Совет во минатиот состав, не сум сигурен – можеби Европската Унија ќе не врати повторно на ниво на скрининг“, изјави Филипче.
Тој истакна и дека нема гаранција дека билатералното прашање со соседна Бугарија ќе остане единствениот услов за напредок во процесот.
„Можно е да не биде единствен услов решавањето на билатералниот проблем со еден од соседите. Зошто? Затоа што не сме спремни. Нема никакво придвижување, ништо во делот на подготовките за отворање на кластерите, особено на првиот – fundamentals“, рече Филипче.
Како особено сериозен проблем го посочи недонесувањето на трите клучни патокази за владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација. Според него, дури и да се изгласаат уставните измени, преговорите со ЕУ нема да можат да започнат веднаш.
„Сега да се случат уставните измени, ние утре нема да можеме да ги почнеме преговорите со Европската Унија, што ја става под знак прашање политичката волја на оваа владејачка гарнитура да направи нешто во делот на евроинтеграциите“, рече Филипче.
Тој посочи дека ваквата ситуација се случува во време кога Европската Унија испраќа јасни сигнали дека е подготвена за проширување и охрабрување на кандидатите.
„Јасни се сигналите од Европската Унија дека има волја да се стави акцент на процесот на проширување. На минатиот состанок кога беше присутна амбасадорката на Данска, ги образложуваше приоритетите на данското претседателство со ЕУ и јасно кажа: ние бевме најголеми скептици за проширувањето, а сега даваме зелено светло и ги поддржуваме сите земји-кандидати да продолжат со реформите, затоа што проширување евидентно ќе има“, порача Филипче.







