fbpx

Наумов со отворено писмо до Ставрески

Facebook
Twitter
LinkedIn

Отворено писмо до Зоран Ставрески, Министер за финансии

 

Г-дин Ставрески,

Ова е најсоодветниот начин да Ви се обратам, имајќи го во предвид досегашното Ваше однесување.

Во изминатиот период главен камен на сопнување во комуникацијата и проблем за соработката помеѓу Вас, како Министер за финансии и мене, како Дополнителен заменик министер за финансии, во интерес на граѓаните, согласно Договорот од 2јуни/15 јули, а подоцна преточен во последните измени на Законот за Влада, се задолжувањата на домашниот пазар на капитал.

Почнувајќи од несогласувањата околу тоа дали задолжувањата во изборна година се финансиско прашање поврзано со организација на изборите, па се до постапката пред Управниот суд на Р.Македонија за законитоста на одлуката на стариот состав на Државната изборна комисија. За жал, поради состојбите во македонското судство се уште нема правна разрешница по ова прашање, а како стојат работите сигурен сум дека ни во догледен период нема да има правосилна одлука.

Несомнено, оваа состојба ги доведе клиентите на домашниот пазар на капитал во ситуација на правна несигурност и неизвесност. Најмалку што сакам е да изнесувам претпоставки, но сигурен сум дека домашните финансиски институции многу сериозно во носењето на своите одлуки ги анализираат сите можни ситуации, вклучително и можноста Управниот суд да ја поништи одлуката на Државната изборна комисија за задолжувањата на домашниот пазар, а со тоа да биде ставена под знак прашалник законитоста на сите задолжувања од почетокот на годината.

Цврсто сум убеден дека оваа ситуација можеше поинаку да се разреши. Односно на истиот начин како што беше издадена и Четвртата еврообврзница. Исклучиво во интерес на граѓаните, со обезбедена согласност помеѓу нас двајца како по однос на сумата, така и по однос на рочноста и каматата.

Уште од самиот почеток и во повеќе наврати јавно кажав дека не ги оспорувам аукциите на државни хартии од вредност, како законски и вообичаен инструмент за финансирање на временската разлика помеѓу приходите и расходите во Буџетот на РМ. Но, истовремено не можам да се согласам преку овој инструмент да се овозможува реализација на дефицитот на буџетската сметка со забрзана динамика, односно повторно да бидеме сведоци на „истурање на средства“ во предизборниот период, како во минатите изборни циклуси.

Со вашите погрешни економски политики, во изминатите 10 години, заедно со поранешниот премиер Никола Груевски, ја доведовте земјата во многу лоша ситуација да мора постојано да се задолжува за исплата на плати, пензии, социјална помош, субвенции…

Но, тоа не е целта на моето денешно обраќање.

Зошто сега го одбрав моментот да Ви се обратам на овој начин?

Затоа што е јасно дека доколку ги усогласувавме висината на задолжувањата, рочноста и каматата, како прво немаше да постои правна несигурност помеѓу клиентите на домашниот пазар на капитал и како второ немаше да постои никаков простор за сомнеж за можни потреси на стабилноста на домашната валута.

Дополнително, граѓаните и идните генерации ќе беа заштитени од нови непотребни задолжувања.

Повторувам дека економските параметри во моментот не покажуваат никаква основа за девалвација на денарот. Но и Вие многу добро знаете дека во економијата се многу битни довербата и очекувањата.

Затоа, доколку заеднички ја договоравме наредната аукција на државни хартии од вредност немаше да се согласам да бидат објавени аукции со девизна клаузула по ниедна цена. Ќе Ви предложев усогласено да објавиме зошто и во наредните две или три аукции нема да има проспекти со девизна клаузула. Тоа според мене е единствениот исправен пристап за да ги отфрлиме сите шпекулации во изминатите две недели и повторно да ја вратиме довербата на македонските граѓани во стабилноста на македонската валута. Така се брани економската стабилност.

Одлуката на Гувернерот на НБРМ да ја зголеми каматата на благајничките записи, односно да пристапи со антиинфлаторни мерки за сузбивање на пореметувањата на девизниот пазар кои се само од шпекулативна природа е долевање масло на огнот. Во комбинација со објавените проспекти за наредната аукција на државни записи кои се со девизна клаузула ценам дека довербата кон домашната валута дополнително се нарушува.

Почитуван,

Шпекулативните пореметувања на девизниот пазар на кои сме сведоци изминатите две недели не се со интензитет и од размери за да се пристапи кон антиинфлаторни мерки, ниту пак се причина за објавување на аукции на државни записи со девизна клаузула.

Доколку постои искрен пристап за надминување на моменталната ситуација, а не желба за разгорување и пролонгирање на недовербата меѓу граѓаните, со цел прибирање на политички поени преку редовно наоѓање на кривци секаде, само не во своите редови, ниту Гувернерот Богов ќе ја подигнеше каматата на благајничките записи, ниту Вие ќе распишевте аукција со девизна клаузула.
Се надевам дека ќе размислите уште еднаш околу наредните потези и нема да дозволите, заради индивидуални финансиски интереси, цената да ја платат сите граѓани.

Сеуште мислам дека не е доцна некои работи да се направат поинаку. Со вистински потези, во вистински момент многу поголеми кризи биле надминати. Прашање е само искреноста и желбата .

Непочитувањето на обврските од Договорот од 2јуни/15 јули, го направи невозможно одржувањето на фер и кредибилни избори на 5.јуни, а со тоа разрешувањето на политичките состојби ќе се пролонгира се додека сите услови за нивно одржување не бидат исполнети. Сметам дека економската иднина на граѓаните не смее да биде загрозена по ниедна цена. Затоа очекувам дека и со дела, а не само на зборови ќе ставите крај на купувањето чоколади, кога се нема за леб.

Да не дозволиме цената да ја плаќаат идните генерации.

Со почит,

 

Кире Наумов
Дополнителен заменик министер за финансии, во оставка

 

Последни вести