Соопштение за јавност
Се отвори Пандорината кутија на криминалните шеми на власта на Груевски во енергетиката.
Регулаторната комисија за енергетика, чиј претседател е од редовите на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Кратово трети ден молчи за чии интереси дозволуваат поскап увоз на струја за неверојатни 41.7 проценти, кога цената на регионалните берзи е падната за 20 евра по мегават час.
Според наши информации постои силен притисок во медиумите скандалот да се крие од граѓаните, чии пари се злоупотребуваат.
И додека се молчи за скапиот увоз, Ставрески и Груевски со самонаречениот отчет самите влегоа во енергетска треска, отворајки го прашањето за 10-годишниот застој на гасификацијата на Македонија.
Сега кумот и кумашинот мора на граѓаните да им одговорат:
Дали Груевски и власта на ВМРО-ДПМНЕ за изградбата на гасоводната делница Клечовце – Штип склучиле договор со руска фирма којашто се наоѓа на црната листа на САД?!
Дали изборот на фирмата е направен под сомнителни околности, без тендерска постапка?!
Дали причината за доцнењето на изградбата на делницата Клечовце – Штип се провизии од вртоглави 44 милиони евра?
Дали 61-километарската делница Клечовце – Штип чини 75.5 милиони долари, како што тврди власта на Груевски или реалната цена на гасоводот е 25 милиони евра?
Зошто Ставрески и Груевски ја кријат Физибилити студијата за гасификација на Македонија? Мораат да ја објават!
Ставрески го издаде Груевски кога ја најави делницата Неготино – Кавадарци – Битола за 400 илјади евра по километар.
А делницата Клечовце – Штип веќе влече од граѓаните неверојатни 1 милион и 240 илјади евра по километар!
Власта на Груевски 10 години не успеја да ја гасифицира Македонија, ама успеала во криминалните мрежи за изградба на најскап гасовод во светот.
Ова нема да им успее.
Граѓаните ставаат крај на тендер политиките на власта на ВМРО-ДПМНЕ и ќе изберат чесна и одговорна влада којашто ќе има чест да ја предводи СДСМ и којашто ќе работи во нивен интерес.
СДСМ ќе ги активира домашните енергетски капацитети, што ќе придонесе за зголемување на домашното производство на струја и пониска цена на струјата и ефикасно ќе ја гасифицира Македонија, како што тоа веќе е направено во Струмица и Куманово.
Скопје, 23.03.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА