Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска во Загреб се обрати на Конгресот на Социјалдемократската партија на Хрватска посветен на подготовка на новата програма и стратегија во пресрет на следните парламентарни избори.
Во своето обраќање, Филипче потенцираше дека победа на СДП Хрватска на следните избори ќе значи победа за сите социјалдемократи во регионот, но и силен знак дека социјалдемократијата е најсилна кога нападите кон неа се најжестоки и посака СДП да биде носителот на факелот на слободата, правдата и солидарноста.
„СДП е единствената кредибилна левичарска партија во Хрватска која има политики за сите сегменти битни за функционирањето и развојот на хрватското општество. Тие политики имаат јасна вредносна основа, а нивната цел е социјален и економски развој за сите граѓани, а не само за економско-финансиските и политичките олигархии. За нас во СДСМ победата на СДП на следните избори ќе биде не само поттик, туку пример кој ќе го следиме во нашата политичка борба за враќање на Северна Македонија на патот на демократијата, социјалната правда и одржливиот социјален и економски развој“, рече Филипче.
Во своето обраќање, тој нагласи дека е особено импресиониран од храбриот пристап во развојот на нова национална економска политика со акцент на новата индустриска политика, а проследена со значајни промени во даночната политика.
Филипче, истакна дека антифашизмот е темелот на социјалдемократите и секогаш, особено во вакви кризни времиња треба да бидеме бедемот на слободата.
„И во мојата држава се соочуваме со сѐ поинтензивни авторитарни тенденции, растечко влијание на економската и финансиската олигархија, економски политики што се на директно на штета на работниците, притисоци врз синдикатите, дискредитирање на граѓанските организации и критичките прогресивни интелектуалци. Лажниот патриотизам на нашиот премиер и влада е само параван зад кој се крие заштитата на криминалните и клиентелистички мрежи проследено со интензивен притисок врз правосудниот систем. Северна Македонија е закочена во процесот на интеграција во Европската Унија, а владата го напушти широкиот политички и општествен консензус за ова прашање со изговор дека е загрозен националниот идентитет“, посочи Филипче.




