Филипче: Пари за 600 евра минимална плата само со кратење на луксузот на власта

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Не може да се планираат пари само за луксузирање, за патување, а да нема пари за основните потреби на работниците, нагласи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција, на која што го презентираше начинот како од Буџетот да се обезбедат средства за повисока минимална плата. Филипче посочи дека пари за 600 евра минимална плата има ако се скрати луксузот на власта.

„Не може да има пари само за луксузирање, за 161 тендер за една фирма, за луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ до оваа власт, за една мала група на луѓе околу врвот на власта а сите други да страдаат во државата“, рече Филипче.

Тој додаде дека стандардот на работниците изминативе две години е срозен, цените континуирано растат, а власта ништо не презема за да им помогне на граѓаните.

„Владата на ВМРО и ЗНАМ ништо не направија за да платите имаат континуиран соодветен раст, за да може луѓето да излезат и да врзат крај со крај до крајот на месецот во услови кога цените неконтролирано растат, кога синдикалната кошничка надминува 66.000 денари, само за храна и пијалоци е потребно повеќе од третина“, нагласи Филипче.

Воедно, Филипче посочи дека барањето на Сојузот на синдикати за минимална плата е издржано и неопходно бидејќи се темели на реални потреби на работниците.

„Затоа го поднесовме законот за 600 евра минимална плата. По втор пат го поднесуваме законот, првиот пат беше на крајот на 2024-та година, тогаш власта го одби и тука на површина излегува континуитетот на нашите политики“, рече Филипче.

На прес-конференцијата, Филипче потсети дека уште на почетокот на мандадот на владата на СДСМ се зголемија социјалната помош и минималната плата.

„Во првите две години од владата на СДСМ до 2019 година, социјалната помош се зголеми за 300% од 3.000 на 11.700 денари, значи пари може да се најдат. Понатаму минималната плата за 60% во првата половина од мандатот, од 8.000 на 14.500 денари се зголеми. Во здравството во првата половина од мандатот платите на докторите практично се дуплираа, преку основно зголемување на 40% и повеќе од триплирање на сумата која што докторите зимаат и медицинските сестри за дежурство и надоместоци за ноќните смени“, рече Филипче и додаде дека ако власта има вистинска желба и волја, ако има идеја да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните, во Буџетот има средства за повисока минимална плата, а истовремено и за поддршка на компаниите.