Соопштение за јавност
Наместо вонредна седница и мерки за граѓаните, за да не ги почувствуваат ценовните шокови од поскапувањето на горивата, вообичаено од премиерот Мицкоски има дефокус и напади кон опозицијата, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
„Досега требаше да има вонредна седница на Владата, би рекол и не една, повеќе, за да се спреми системот да се донесат мерки, за да вакви ценовни шокови граѓаните не почувствуваат. А што имаме, тоа што вообичаено имаме од премиерот изминатите веќе две години, спинови, дефокус, навреди, недоличен речник, напади до мене лично, до опозицијата, манипулација со мигрантите, дали биле легални или нелегални, дека сме биле четврта економија, во светот“, рече Филипче.
Тој додаде дека поскапувањето на горивата ќе значи и нови поскапувања на основните прехнабени производи, а власта се уште нема никакви мерки за граѓаните.Дополнително во изминатиот период секој предлог за помош на граѓаните поднесен од СДСМ беше одбиен.
„И покрај тоа што предложивме конкретни мерки, платите не ги зголемија, толку колку што се реално потребни за да можат луѓето да преживеат. Никакви мерки нема ниту во земјоделството, и покрај апелите коишто ги имаат земјоделците, и покрај тоа што ние на тоа укажуваме изминатиот период. Сè што направија беше вештачко намалување на трошоците на живот, само на хартија, со тоа што се прави некаква ревизија на кошничката. Не била синдикална, била владина. Според владата, луѓето не треба да јадат леб и млеко, односно треба да јадат помалку. Ете тоа се предлог- мерките економски на премиерот и на Владата, која што нема ниту визија, ниту капацитет, ниту знаење, а најмногу од се нема желба да им помогнат на граѓаните или нешто добро да направат за државата“, рече Филипче.
Притоа, Филипче посочи дека СДСМ ќе предложи конретни мерки за да им се помогне на граѓаните.
„Предлагаме намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5% при промет на сите енергиенси, дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас и метан. Понатаму, намалување на акцизата за 4 денари, и тоа е нешто што директно ќе ја намали цената на еден литар на горивата и дополнително на сè, сведување на нула проценти ДДВ на основните прехранбени производи, за да се амортизира евентуален скок на цените на основните прехранбени производи“, рече Филипче.



