Соопштение за јавност
СДСМ предупредува дека актуелната власт ја оттурнува Македонија од европскиот пат и ја вовлекува во опасна зона на странски влијанија.
„Христијан Мицкоски не само што ја турка Македонија во изолација и, за жал, успеа во тоа, туку опасно ја турна државата во скутот на Виктор Орбан. Зошто? Секако поради бизнис интересите кои ги поврзуваат нив двајца“, истакна Андреј Жерновски.
Тој нагласи дека оваа политика има сериозни последици врз државата:
„Политичкиот проект на Мицкоски овозможи преку Орбан да имаме директно странско мешање во Македонија, дезинформации, нетранспарентни и крајно сомнителни финансиски текови и рушење на стратешката позиција која толку тешко ја стекнавме.“
СДСМ посочува дека потврдата за ваквите политики доаѓа и од меѓународни извори.
„Добивме потврда и од реномираниот ‘Вашингтон пост’, дека за клучните одлуки во Европската Унија, Сијарто, Орбан и Унгарија се консултирале со Путин.“
Жерновски беше дециден:
„Орбан е пријател на Путин и на Русија, а пријателот на пријателот на Русија, со име Христијан и презиме Мицкоски, е прокси играчот на Русија во овој регион.“
Дополнително, СДСМ предупредува дека станува збор не само за политичко, туку и за безбедносно прашање:
„Ова не е само стратешко прашање за нашата држава. Ова е безбедносно прашање и прашање во борбата против криминалот и корупцијата.“
СДСМ потенцира дека европскиот пат е загрозен и дека ваквите политики ја носат државата кон изолација наместо кон интеграција.


