Соопштение за јавност
Врнежливото време не ги спречи граѓаните од населбите Хром и Ѓорче Петров да излезат по улиците и да поразговараат за нивните проблеми со Кире Наумов, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ и дополнителен заменик министер за финансии кој вчера беше во посета во општината Ѓорче Петров заедно со претседателот на Комисијата за одбрана, Максим Димитриевски и претседателот на Комисијата за енергетика, Митко Андреевски.
Граѓаните рекоа дека градоначалникот на општина Ѓорче Петров најдрско го одбил нивното барање да ги користат просториите на месните заедници за предвидените средби со претставниците на СДСМ, што само го покажува стравот на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ниту дождот, ниту власта можат да не спречат да разговараме. Одлучни сме, заедно со вас граѓаните си ја враќаме државата на вистинскиот пат, им рече Наумов на граѓаните со кои се сретна во населбата Хром.
Жителите на Хром и на Ѓорче Петров зборуваа за интервјуто на претседателот на СДСМ, Зоран Заев во режимската телевизија Сител, изразувајќи го својот став дека веќе е на виделина криминалното лице на медиумите под контрола на Груевски, во коишто власта истура милиони евра нивни пари.
Претставниците на СДСМ порачаа дека токму граѓаните се најгласниот медиум којшто ја шири вистината, бидејќи зборуваат се погласно за неправдите, криминалите, корупцијата што ги прави власта на Груевски.
Како пример за тоа беше посочен спортскиот објект познат како ПАРТИЗАН 4, за чијашто продажба реагираат и млади луѓе и возрасни граѓани.
-Тука се спортските почетоци не само на жителите на Карпош и на Ѓорче Петров, туку и на генерации во изминатите 30 години. Оваа влада го стави објектот на распродажба за сума од само милион евра. Финансиските интереси на криминалната фамилија и се поважни на власта од интересите на граѓаните, рече Наумов.
На средбите, претставниците на СДСМ промовираа дел од мерките од Програмата на СДСМ што се однесуваат на враќање на парите кон граѓаните.
-Наша најголема цел е да ги задржиме младите дома. Ќе создадеме реален економски амбиент во којшто малите и средните претпријатија ќе имаат услови да напредуваат за да создаваат нови реални работни места. Со казните и давачките оваа власт затвори 10.000 домашни фирми. Ставаме крај на ваквите арач политики. Криминалната власт заедно ќе ја замениме со одговорна власт, којашто ќе добие чест да ја предводи СДСМ на следните фер и демократски избори.
Претставниците на СДСМ го повторија ставот дека Социјалдемократскиот сојуз дека нема да учествува ниту ќе дозволи избори на кои граѓаните нема да можат да ја изразат слободната волја.