Соопштение за јавност, прес конференција на Џакомо Филибек – генерален секретар на ПЕС, Скопска иницијатива
Европската перспектива е јасна, потребна е политичка волја од власта, порача генералниот секретар на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), Џакомо Филибек, во рамки на меѓународната конференција на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Корчуланската висока политичка школа, на која беше промовирана „Скопската иницијатива“.
Филибек укажа на фактот дека европската перспектива на Северна Македонија и Западен Балкан е јасна, но дека за нејзина реализација е неопходна политичка волја од актуелната власт.
„Тука сум и со една јасна порака во однос на заморот што се чувствува во јавната дебата за интеграцијата на земјата во Европската Унија. Тој замор е последица на недостигот од политичка волја и решителност кај актуелната власт. Националистичката реторика што ја поттикнуваат не помага во процесот, туку дополнително ја збунува јавната дебата за европската иднина на државата“, потенцираше Филибек.
Филибек нагласи дека европската иднина на Северна Македонија е неразделна од европската иднина на регионот, при што интеграцијата мора да се одвива паралелно и заеднички.
„Пораката што сакам да ја пренесам е јасна: иднината на Европската Унија е поврзана со интеграцијата на Западен Балкан и со полноправното членство на Северна Македонија во европското семејство. Истовремено, иднината на Северна Македонија е во Европската Унија, заедно со останатите земји од регионот. Тоа се два процеса кои мора да се движат паралелно и заедно да придонесат за конечно обединување на европскиот континент“, рече Филибек.
Филибек потсети и на улогата на СДСМ во реформските и европските процеси во државата.
„Во изминатите години СДСМ покажа лидерство токму во овој процес и го трасираше патот на реформите. Денес постои реална можност за напредок и таа шанса мора да се искористи. Европската Унија покажува јасна подготвеност за проширување, а тоа го потврди и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за време на неговата посета на земјите од регионот“, рече генералниот секретар на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), Џакомо Филибек.

