Филипче: Вратите на СДСМ се отворени, но за партијата се дебатира во партијата

Facebook
Twitter
LinkedIn

Вратите на СДСМ се отворени за секој што искрено сака да придонесе, но дебатата за иднината, реформите и насоките на партијата треба да се води во рамките на партијата и нејзините органи, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Филипче нагласи дека фокусот на партијата е ставен на зајакнување на партиската структура, обновување на организациите и засилување на борбата против актуелната власт. Во тој контекст, тој посочи дека не гледа оправдување дебатата за состојбите во СДСМ да се води надвор од партијата, особено кога, како што рече, сите имаат можност да се вклучат во партиските процеси.

„Зошто не дојдат во партијата, во која што вратите се отворени? И тие тоа многу добро го знаат. Секогаш биле и сега ќе бидат отворени вратите на партијата“, рече Филипче.

Филипче порача дека централното раководство е подготвено за дебата со сите кои имаат добра намера и сакаат да дадат придонес, но дека очекува тоа да се прави на вистинското место — во рамките на партијата.

„Јас сум подготвен, и не само јас, туку сите луѓе кои се во централното раководство се спремни за дебата. Нормално, сè за доброто на партијата, а пред сè за доброто на државата и граѓаните“, нагласи Филипче.

Тој додаде дека е подготвен да слушне различни мислења и аргументи, како и да прифати корекција доколку некаде е направена грешка, но дека за тоа е потребен отворен и директен разговор во рамките на партијата.

Питоа, Филипче порача дека сите кои имаат идеи и ставови имаат простор да ги изнесат во рамките на партијата.

„Ако е потребно единство, како што и тие велат, зошто прават работи кои водат кон фрагментација? Зошто не доаѓаат во партијата, во која вратите се отворени? И тие тоа многу добро го знаат, затоа што им е таму местото. Во партијата се дебатира за такви работи“, порача Филипче.