„Оваа власт е дефиниција за корупција и грабеж. ВМРО гради политики и наративи со кои на луѓето не им кажуваат што да сакаат, тукушто да мразат. Омраза и страв беа алатките со кои се ширеа лаги и лажни ветувања и со кој дојдоа на власт, а сега и со лаги владеат, обвини, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, во интервју за „Слободен печат“.
Кузеска посочи и на фактот дека зад лажните ветувања на ВМРО, денес стојат скапотијата, раст на јавниот долг, пад на животниот стандард и сиромаштија, што ја покажуваат неспособноста на власта да се справи со реалните проблеми на граѓаните.
„Она што сега го прави власта е трупање на јавни долгови, а никаква грижа за животниот стандард на граѓаните. Маратонски проверки во супермаркетите за цените, за кои треба да се чека уште еден месец, па уште еден месец итн., се недозволиви. Граѓаните секој ден се во маркетите, и ги интересира кога конечно ќе поевтинат лебот, шеќерот, маслото и основните производи. Наместо конкретни мерки, слушаат најави за анализи кои траат со месеци. Владата е целосно одлепена од реалноста и не ги разбира проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните“, потенцираше Кузеска.
Дополнително, Кузеска потсети на лагите со кои ВМРО дојде на власт, потенцирајќи дека ништо не испорача од ветувањата дадени пред граѓаните, наместо тоа, ја продлабочува кризата и ја зголемува недовербата.
„Каде е враќањето на името? Каде е подобриот договор со Бугарија? Каде е новата преговарачка рамка? Тоа се прашања на кои граѓаните денес очекуваат одговори и токму затоа ги препознаваат лагите и неисполнетите ветувања на власта“, рече Кузеска во интервју за „Слободен печат“.



