(Видео) Бочварски до Јаневска: Затворањето училишта ќе остави наставници без работа – кај тера оваа власт?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски, на денешната седница упати три прашања до министерката за образование Весна Јаневска, кои се однесуваа на измените во законите за основно и средно образование, најавената оптимизација во образованието и последиците што овие политики можат да ги имаат врз наставниот кадар, учениците и локалните заедници. Бочварски рече дека предложените законски измени не претставуваат вистинска реформа на образованието, туку отвораат прашања поврзани со централизација на надлежностите, дополнително финансиско оптоварување на општините и иднината на малите и рурални училишта. Особно спорна е најавената оптимизација на наставниот кадар, при што праша дали овој процес можел да се спроведе преку природен одлив на вработените, односно со постепено заминување во пензија, наместо преку резови кои, ќе остават сериозни последици врз наставниците, учениците и опстанокот на училиштата.
Тој предупреди дека затворањето на училиштата, особено во руралните средини, може дополнително да ја зголеми миграцијата од село кон град, имајќи предвид дека училиштата во многу места се единствената институција што го одржува животот во локалните заедници.
Во продолжение интегралн текс од прашањата :
Првото прашање е во врска со законите за основно и средно образование, за кои неодамна имавме дебата во ноќните часови, кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги предложија и ги бранеа како некаква реформа, која, патем речено, не може да се нарече така во ниту еден случај, затоа што задира само во два-три сегменти од целите законски решенија, кои се крајно спорни, а, на пример, не задира во никој случај во сите новонастанати состојби што ги носи новото време во образовниот процес, како што се нови наставни програми, поголемо практично образование, поголема автономија, поврзување со пазарот на труд, проблемите со социјалните мрежи и менталното здравје на младите и така натаму.

Сакам да потенцирам дека ваквите измени што ги предложивте и за кои се боревте да ги донесете имаат сериозно влијание во многу сегменти од општественото живеење, врз младите, а со тоа и врз иднината на државата, понатаму врз професорите и врз сите вработени во образованието.
Но, овие закони носат и еден друг скриен трик, односно проблем што на задна врата сакате да го протнете преку овие законски измени.
На пример, се работи за еден од столбовите на кои се темели системот на државата преку доближување на услугите кон граѓаните, а тоа е процесот на децентрализација, започнат во далечната 2005 година, со тенденција државата низ годините да ги пренесува надлежностите кон општините и граѓаните.

Да појаснам, децентрализацијата структурно е изразена преку политичка и фискална децентрализација. Политичката е пренос на одлучувањето од централната кон локалните власти, а фискалната е пренос на буџетските средства кон општините за тие да можат самостојно да ги извршуваат преземените обврски.
Сега ќе се вратам на 2026 година, 20 години по годината кога некои други луѓе во ова Собрание започнале и носеле прогресивни одлуки за државата во делот на децентрализацијата. Денес доаѓа време кога министерката за образование повторно нè враќа кон 2005 година.
Да преведам.
Вие преку овие закони велите дека општините отсега ќе можат да плаќаат повеќе финансиски средства, односно им додавате можност финансиски да учествуваат преку давање плати на наставниот кадар, а вие како Министерство отсега ќе имате повеќе ингеренции, односно досегашните политички ингеренции им ги кратите.
Еве ги аргументите.
Досега, во еден од членовите во овие два закона, идентично за средно и основно образование, се вели дека општината може да ја дополни добиената блок-дотација со средства од сопствени извори, освен за плати на вработените во училиштата.
А сега, со овој нов закон, којшто сè уште е во собраниска процедура, велите дека ќе се избришат зборовите „освен за плати на вработените во училиштата“. Што значи дека отсега на општините вака свечено им делегирате дополнителни финансиски обврски и трошоци, или издатоци, како сакате, од сопствени буџетски средства, со можност дополнително да исплаќаат плати и на професорите и наставниците во образованието.
Понатаму, досега во постојниот закон, во друг член за средно и основно образование, е регулирано дека основачот може да формира паралелка со помалку од 20 ученици по добиено позитивно мислење од Министерството за образование и наука.
Со оглед на тоа дека мислењето нема задолжителен обврзувачки правен карактер, сега во измените предлагате наместо мислење да предвидувате согласност од Министерството за образование и наука, со цел обезбедување појасна и посилна надлежност и поефикасна контрола при формирањето на паралелките. Така вие го објаснувате тоа.

Па дополнително, во образложението им велите: почитувани градоначалници, совети, локални власти, овие измени се со цел подецентрализирано управување во образованието.
Е, ова претпоставувам е во делот на хуморот или парадоксот во режија на оваа Влада.
Почитувана министерке, ако на ваков начин им додавате надлежности на општините, а велите дека се децентрализира државата, тогаш можам да замислам само како би изгледало кога ќе кажете дека им кратите, на пример, надлежности и ингеренции на локалните власти.

Вие сакате да кажете дека со посилна контрола и надлежност од страна на централата, односно на Министерството, ќе го децентрализирате образованието.
Затоа, да заклучам, вие им ги одземате политичките одговорности и ингеренции преку зајакнување на Министерството со институтот на давање согласност од централата, а од друга страна не само што не им доделувате или пренесувате финансиски средства, односно не само што не им давате дополнителна финансиска самостојност, туку со закон им велите дека отсега, ако ви пуштиме, на пример, намалени финансиски средства за плати, снаоѓајте се. Наместо да изградите некој водовод или улица во вашата општина, ќе дадете некоја плата плус во образованието и во училиштата.

Моето првото пратеничко прашање е:

Каков е овој феномен? Зошто правите ретрограден процес и на задна врата носите нова централизација и дали знаете дека со ваква политика, пред сè, малите општини ќе ги заглавите, а убеден сум дека и поголемите и финансиски посилните општини?
Второто прашање е исто така во врска со овие, за нас во опозицијата, крајно спорни измени на овие два закона.
Дали оваа, како што ја велите, оптимизација не можевте да ја изведете преку природен одлив на кадар, постепено, со заминување на наставниот кадар во пензија, а не вака, со правење резови, и тоа не било каде, туку онаму каде што тоа значи, меѓу другото, и образование за младите луѓе, но и егзистенција за наставниот кадар во образованието?

Не знам дали ги слушнавте реакциите во јавноста на професорите и на наставниот кадар.
Понатаму, дали знаете дека дополнително, со еден ваков пристап и политика, ќе придонесете за миграција на населението од село во град, посебно во оние села каде што училиштата се единствената институција која го одржува населението во одредени рурални средини?

Ве прашувам, каде ќе ги пратите сите тие наши сограѓани, наставници и професори, кои, кога ќе почнете да ги затворате училиштата, верувам дека нема да може сите да бидат образовни асистенти? Што ќе им кажете и каде ќе ги пратите на работно место кога нивните институции ќе престанат да функционираат?
И третото прашање е во врска со затворањето на Основното училиште „Гоце Делчев“ во Штип.

Каков е вашиот став по однос на ова прашање, имајќи предвид дека училиштето не е ниту со три, ниту со пет ученици, како што преку овој закон се браневте дека ќе се затвораат само тие училишта, ниту пак тоа го побарале родителите, ниту пак наставниот кадар во тоа училиште.
И сега знам дека ќе ми одговорите дека општината е основач на училиштето, но јас знам дека сте во тек со оваа проблематика и ме интересира зошто не заземавте тогаш позитивен став по однос на опстојувањето на оваа институција, на ова училиште како посебна институција која има традиција и историја во градот од каде што доаѓам.

Линк до видеото :