Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска рече дека информациите за квалитетот на водата не смеат да се кријат зад изговорот за истражна постапка, затоа што станува збор за прашање од највисок јавен интерес и директно поврзано со здравјето на граѓаните.
Осврнувајќи се на масовното труење во Гостивар, Филипче истакна дека институциите не само што не реагирале навреме, туку со недели молчеле и ги оставиле граѓаните изложени на ризик.
„Загадувањето на водата започнало уште на крајот на јуни. И внимавајте, никој не реагирал. Никој ништо не кажал. Ги оставиле луѓето во Гостивар да пијат загадена вода. Институциите со недели молчеле. При тоа, уште поскандалозно, не само што молчеле, туку ја прогласиле водата за питка“, рече Филипче.
Тој посочи дека Обвинителството погрешно се повикува на тајноста на истрагата за да го оправда молкот пред јавноста.
„Обвинителството ја користи тајноста на истрагата како изговор зошто информациите не се соопштувале навреме на јавноста. И ова е опасна замена на тези, затоа што квалитетот на водата не е тајна во рамки на истрагата. Туку е факт. И јавно здравствено значење има овој факт. Граѓаните мора едноставно да го знаат“, нагласи Филипче.
Токму прикривањето на информациите овозможило епидемијата да се прошири.
„Како ќе се заштити населението со тоа што обвинителството не го кажува овој факт? И како резултат на овој пристап се отруја 3.000 луѓе во Гостивар. Значи, додека обвинителството тактизирало, а сите здравствени институции и авторитети молчеле, епидемијата се ширела во Гостивар“, истакна Филипче.
Тој оцени дека случајот покажува целосен распад на контролните механизми во здравствениот систем.
„И ова покажува дека контролните механизми во државата, во овој конкретен случај во рамките на здравствениот систем, едноставно не функционираат. Здравјето на граѓаните е доведено во прашање“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи и на нови документи кои, како што рече, укажуваат на дополнителни сериозни пропусти во контролата на квалитетот на водата.
„Во болницата во Лешок, на крајот на мај, никој не реагирал. Официјални документи од Центарот за јавно здравје. Примерок од чешма во болница каде што се лекуваат луѓе – 51 колиформни бактерии на 100 милилитри вода. Па добро, знаат ли овие луѓе што прават? Какво е ова менаџирање на институциите? Што е целта? Да се загрози здравјето на сите луѓе во државата?“, рече Филипче.
Тој побара итен вонреден надзор на сите водоснабдителни системи во државата и целосно објавување на резултатите од сите физички, хемиски и микробиолошки анализи на водата.
„Затоа бараме итно вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата. И јавно да се објават резултатите од физичките, хемиските, микробиолошките анализи и хлорирањето“, рече претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.
Линк до видео:



