Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска побара итно ставање во функција на ПЕТ центарот, предупредувајќи дека неговото неработење директно го загрозува здравјето и животот на најтешко болните пациенти со рак.
„Само еден ден работеше ПЕТ центарот и сега повторно е надвор од функција“, рече Филипче.
Тој посочи дека станува збор за исклучително важна здравствена услуга за онколошките пациенти, од која директно зависи одредувањето на терапијата и понатамошниот тек на нивното лекување.
„Се работи за околу 15 пациенти на ден коишто се најтешко болните пациенти, коишто имаат рак, од коишто животот им зависи од тоа снимање, затоа што тоа снимање ја одредува терапијата или модификацијата на терапијата во зависност од стадиумот во којшто се наоѓа болеста“, истакна Филипче.
Филипче предупреди дека ПЕТ центарот не функционира веќе два и пол месеци, со што пациентите се изложени на сериозен ризик.
„Сега се во ризик. Два и пол месеци не работи до сега. Итно да се среди овој проблем. Како знаат и умеат, уште утре да биде ПЕТ центарот во функција. Директно се загрозува здравјето и животот на најтешко болните пациенти во државава“, рече Филипче.
Тој оцени дека проблемот со ПЕТ центарот се става на страна, што, според него, е одраз на односот на актуелната власт кон пациентите и здравствениот систем.
Линк до видео:



